Костурскиот крај бил познат во Античкиот период како Арестида и се наоѓал по горното течение на реката Бистрица, а главен град бил Арт и се наоѓал во селото Рупиште. Ова е значајно да се спомене, бидејќи оттаму потекнува македонската династија Аргеади, на Филип II Македонски, која подоцна се преселилa во Пела. Костур, градот на крзното и на кожарската индустрија се наоѓа на полуостровот што го дели Костурското Езеро на две подеднакво убави половини. Костур наликува на Охрид и по својата местоположба и по природните убавини.
Нашето патување по Егејска Македонија беше со цел покрај селото Зелениче, родното место на Стив Пљакас, да го посетиме и селото Желево, родното место на Лили Пљакас, селото Желево кое е на границата меѓу општините Лерин и Костур, но од западната страна. Затоа од Зелениче се упативме по патот право кон Костур, со цел да се запознаеме со историскиот развој и раскошната природа што ја нуди овој убав македонски град.
Костур, градот на крзното и на кожарската индустрија се наоѓа на полуостровот што го дели Костурското Езеро на две подеднакво убави половини. Едниот дел од градот што се издигнува на полуостровот се огледува во едната, а другиот дел во другата половина на езерото. Куќите се извишуваат една над друга, па навечер, ако се гледа од брегот на езерото, сето тоа изгледа како некоја огромна новогодишна елка со илјадници лампиони кои се огледуваат во позлатеното езеро.
Панорама на Костур
Со својата географска положба, со плодната котлина полна со овошки, со блескавото сино Костурско Езеро и културно-историските споменици, Костур претставува важен туристички, културен и стопански крај, привлечен во сите годишни времиња. Тој е прекрасен за живеење, за одмор и за рекреација.
Поради добрите климатски услови: чистиот и свеж воздух, надморската височина и сите убавини што природата му ги подарила на Костурското Езеро и неговата околина, угостителско-туристичкото стопанство од година во година зазема сè позначајно место.
Од историски аспек костурскиот крај бил познат во античкиот период како Арестида и се наоѓал по горното течение на реката Бистрица, а главен град бил Арт и се наоѓал во селото Рупиште. Ова е значајно да се спомене, бидејќи оттаму потекнува македонската династија Аргеади, на Филип Македонски, која подоцна се преселил во Пела.
Од лимнолошки аспект, пак, треба да се нагласи дека Костурското Езеро е типичен пример на езерата од егејската зона. Тоа спаѓа во групата на десаретските езера, како што се Охридското и Преспанското Езеро и ги има сите својства на езерата од овој тип: висока температура на водата во летниот период, широко крајбрежно подрачје во кое се развива буен животински и растителен свет, карактеристична конфигурација, својствен изглед, посебни климатски услови и интересно историско минато.
Кога човек е во Костур и на брегот на Костурското Езеро има чувство дека се наоѓа во Охрид и на Охридското Езеро, бидејќи Костур наликува на Охрид и по својата местоположба и по природните убавини. Тука природата подарила многу убавини кои, за жал, не се целосно искористени.
Пела
Инаку, градот Костур се наоѓа на југозападната точка на Македонија, на брегот на Костурското Езеро. Некои учени луѓе мислат дека името дошло од реткото животно кастор што се одгледувало во Костурското Езеро и од чија кожа се правеле многу убави и раскошни бунди. Исто така, во Костур има многу цркви, познати базилики и други споменици од историјата и културата.
Направивме круг околу градот и езерото. Видовме многу дуќани за крзно и крзнени производи, а крзното е животот на Костур. По тесните улици пешаците тешко се движеа поради густиот сообраќај, кој како да им пркосеше на гостите да ги видат и доживеат убавините на овој езерски град, град кој е убав во сите годишни времиња. Потоа, се упативме кон источниот дел на градот и на самиот брег на езерото, во летната бавча на еден пристоен ресторан, седнавме да се одмориме, да уживаме и да се восхитуваме на убавините на градот.
Бевме љубопитни да видиме и да разбереме нешто повеќе за костурските ќурчии, за раскошните и скапи крзна што висеа во безбројните дуќани во градот, за езерото и лебедите кои ја дополнуваа убавината на езерската шир, слично како на Преспанското Езеро, сакавме да слушнеме како тие зборуваат македонски јазик на костурски дијалект.
Но времето не нѝ дозволуваше повеќе да се задржуваме и по пријатно поминатото време во Костур се упативме кон Желево, но овој пат од другата страна, од кај Грамос за да го видиме и тој дел на Егејска Македонија каде што загинале голем број Македонци во текот на Граѓанската војна.
Појдовме по патот за легендарното село Д’мбени, родното село на голем број познати и признати од дамнина до денес, меѓу кои и донаторот и хуманист Атанас Близнаков. Тој живееше во Гери, Индијана во САД и ја формираше најголемата Фондација за македонската младина – студентите на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, на која фондација со гордост авторот на овие редови потенцира дека е постојан (доживотен) член.
Исто така, од Д‘мбени, Костурско е големиот пријател на авторот на овој текст, Славе Катин,со кого се гордее, а тоа е познатиот академик Антоније Шкокљев-Дончо, со кого се автори на четири историски дела за Македонија.
Селото Д‘мбени се наоѓа дваесетина километри северозападно од Костур, во јужните пазуви на планината Локвата и Вињари, на надморска височина одоколу илјада метри. Оградено е со планини покриени со варовит камен, поради што се смета дека се дел од западниот македонски планински синџир.
За жал, грчките официјални власти отсекогаш настојувале да ги избришат трагите што потсетуваат дека Македонија почива на античко-словенската земја. Постојано измислуваат закони, декрети, правила, амандмани… По Балканските војни и Букурешкиот „мировен“ договор и поделбата на Македонија, сите имиња на населените места и топоними во егејскиот дел на Македонија ги заменија со елински (грчки). Како резултат на тој акт на таа влада од ноември 1926 година, селото Д’мбени беше преименувано во Дендрохорион.
Селото Д’мбени влегува во состав на реонот Корештата во кој во минатото имало 34 села распослани по источната и западната страна на реката Бистрица. Сите села во Корештата се исклучително македонски, освен едно од кое во немирните години неговото македонско население било сосема иселено, а на нивно место биле населени Албанци-муслимани.
Селото Д’мбени
Д’мбени никогаш не го загубило македонскиот дух и белег, иако постојано било под туѓинско ропство. Неговото население со векови го пренесувало борбениот дух и љубовта кон родната земја и дедовските огништа, чиј магнетизам постојано ги привлекувал Македонците распрснати по светот. Благодарение на тоа, населението од овој дел на Егејска Македонија до крај им остана верно на борбените револуционерни и патриотски традиции.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН