Божик – на 25 или на 7 декември

Православните христијански верници во Македонија на 7 јануари го одбележуваат Божик. Пред две недели и католиците и дел од православниот свет го прославија Христовото раѓање, единствен настан за христијаните, со единствено значење, но без единствен термин за негово одбележување.

Во христијанството се уште има разлики за тоа кога треба да се слави Божик и другите верски празници, пред се поради догматските несогласувања меѓу црквите и различните системи на мерење на времето. Така католиците и дел од православните христијани кои го прифатиле Грегоријанскиот календар, Божик го слават на 25 декември. Дел од православните цркви кои се водат според стариот Јулијанскиот календар, раѓањето Христово го одбележуваат на 7 јануари.

Иако се правени обиди за усогласување на празнувањата меѓу „старокалендарците“ и „новокалендарците“, разликите остануваат, и покрај укажувањата на математичарите дека ако продолжат да се применуваат и двата календара, дел од православците Божик во 2101 година наместо на 7 ќе го слават на 8 декември. Тоа е затоа што стариот Јулијански календар доцни зад соларниот еден ден на секои 128 години, што кај Грегоријанскиот календар се случува по 3300 години.

Во времето на Отоманската империја цариградскиот патријарх Еремија го одбил предлогот на папата за прифаќање на Грегоријанскиот календар и за усогласување на верските празници. Примената на Грегоријанскиот календар во православните христијански цркви почна во првите децении на 20 век, на инсистирање на вселенскиот патријарх Јоаким.

Во 1919 година новиот календар е прифатен во Кралството на СХС, во 1923 во Грција, а потоа и во Бугарија, Романија и Турција.

Меѓутоа, монасите на Света Гора, Ерусалимската патријаршија, Руската, Српската и Македонската православна црква и натаму се водат според Јулијанскиот календар, за разлика од Грчката, Бугарската, Романската, Украинската и Грузиската православна црква кои го прифатија Грегоријанскиот.

Најсериозен обид за компромис меѓу јулијанскиот и грегоријанскиот календар направил српскиот физичар и астроном Милутин Миланковиќ. Календарот што изработил на барање на Вселенскиот патријарх Милентиј четврти, се смета за најточен и за разлика од јулијанскиот и грегоријанскиот доцни еден ден на секои 28.800 години.

Миланковиќ го претставил својот календар на Сеправославниот конгрес во 1923 година во Цариград. Решението го прифатиле Цариградската, Александриската, Антиохиската, Бугарската и Романската патријаршија, како и Атинската архиепископија. Против биле Српската, Ерусалимската и Руската православна црква. И покрај мнозинската поддршка од православните цркви, календарот не е прифатен.

Стариот Јулијански календар според кој се води и Македонските православна црква, датира од 46 година п.н.е, кога римскиот император Јулиј Цезар го ангажирал александрискиот астроном и математичар Сосиген да изработи нов попрецизен календар. Тогаш во Рим се воведува календар базиран на египетскиот со 365 дена поделени во 12 месеци, наречен Јулијански според Јулиј Цезар. Во него секоја четврта година е престапна, а 366-тиот ден се додавал во февруари кој бил последен месец во годината. Со новиот Јулијански календар почетокот на новата година, што дотогаш бил во март е префрлен на 1 јануари.

Во 325 година од нашата ера на првиот Вселенски собор на тогаш единствената Христијанска црква во Никеја е одлучено да биде прифатен Јулијанскиот календар и по него да се сметаат значајните датуми од историјата на христијаните. На Соборот во Никеја учествувал и претставник на градот Скупи, своевремено голем регионален културен центар, врз чии ѕидини е изградено Скопје.

Подоцна е утврдено дека годината според Јулијанскиот календар е подолга за 11 минути и 14 секунди од природната соларна година, со што на секои 128 години се создава разлика од еден ден. Во 16 век разликата достигнала 10 дена што предизвикувало проблеми во одредувањето на Велигден, најголемиот христијански празник што секогаш се врзува за пролетната рамноденица и првата недела по првата полна Месечина. Затоа папата Гргур 13 во 1582 година извршил ревизија на Јулијанскиот календар, со што е создаден Грегоријанскиот календар, до денес општоприфатен во светот, според кој годините се бројат од раѓањето на Исус Христос. Со була на папата Гргур 13, денот по 4 октомври не се сметал како 5-ти туку како 15 октомври, со што е “испеглана” разликата од 10 дена. Разликата во траењето меѓу Грегоријанската и природната година е надмината со тоа што не е престапна секоја четврта година. Последните години од вековите што не се делливи со 400 без остаток не се сметаат за престапни. На пример, 1900 за разлика од 2000 година не е престапна бидејќи не е деллива со 400.

Иако многубројна популација луѓе времето го бележат според свои календари кои имаат корени во нивната етничка и религиозна историја, Грегоријанскиот календар денес е главниот временски ориентир по кој најголем дел од луѓето во светот ги одбележуваат настаните.