Собраниска делегација на 140. Собрание на ИПУ

Делегација на Собранието на Република Северна Македонија ќе учествува на 140. Собрание на Интерпарламентарната унија (ИПУ), што ќе се одржи од 6 до 10 април 2019 година во Доха, Катар, соопшти собраниската прес-служба.

Делегацијата ја сочинуваат претседателот на Собранието Талат Џафери, пратениците Диме Велковски, Јован Митрески, Димитар Стевананџија, Ејуп Алими, Африм Гаши и Јулиана Николова, како и генералниот секретар Цветанка Иванова.

Се очекува на ова Собрание на ИПУ да учествуваат околу 1.600 претставници од над 160 земји членки на Унијата, како и повеќе од 80 претседатели на парламенти. Главна тема за дискусија на 140. Собрание на ИПУ е „Парламентите како платформи за подобрување на образованието за мир, безбедност и владеење на правото“. Комисиите на ИПУ ќе дискутираат за бројни прашања од нивната надлежност, меѓу кои: недопустливоста за користење на платеници како средство за поткопување на мирот и кршење на човековите права; улогата на правичната и слободна трговија и инвестициите во реализацијата на Целите за одржлив развој (ЦОР), особено во полето на економската еднаквост и одржливата инфраструктура, индустријализација и иновација; постигнување на универзално здравствено покривање до 2030 година – улогата на парламетите за гарантирање на правото на здравје; парламетарно следење на ЦОР и сл.

Во рамките на 140. Собрание, ќе се одржат и седници на „Форумот на жени парламентарки“, „Форумот на млади парламентарци“ и „Здружението на генерални секретари на парламенти“.

Интерпарламентарната унија, основана во 1889 година, е најстарата мултилатерална политичка организација и најголемата меѓупарламентарна асоцијација, во која членуваат 178 национални парламенти и 12 меѓународни парламентарни собранија. Светската организација на парламентите со седиште во Женева има статус на постојан набљудувач во Организацијата на Обединетите нации, се наведува во соопштението од Собранието.