Османи: Партиски и национален консензус најголем предизвик за реформите

Постигнување партиски и национален консензус е најголемиот предизвик, со кој во моментов се соочува Владата во однос на реформите содржани во Планот 3-6-9, изјави денеска вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи, по неформалната средба со бугарскиот амбасадор Иван Петков.

На новинарско прашање како течат реформите содржани во Планот, Османи истакна оти постои зацртана динамика со точно определени надлежности, кои институции, кои мерки треба да ги спроведат.

– Најголем предизвик, со кој се соочуваме во моментот е постигнување консензус, партиски и национален консензус. Многу од работите кои треба да се донесат во Собраниеето бараат квалификувано мнозинство и многу е важно како опозицијата ќе се однесува во наредниот период. Подадовме рака за соработка уште од првиот ден, не сакаме ексклузивост во овој процес, тој не е задача на на една влада, многу влади придонеле да бидеме тука каде што сме, порача Османи.

Истакна дека на ниво на Влада се завршени пакетот закони за безбедносните служби, за реформи на правосудниот систем, како и за реформа на јавната администрација.

Во врска со реформите на јавната администрација и тоа дека се уште има луѓе, кои не доаѓаат на работа, а земаат плата, Османи рече дека е изготвена Стратегијата, која е одобрена од Европската комисија.

Во тек е подготовка на Акцискиот план, а согласно Планот 3-6-9 тој на Влада треба да мине овој месец.

– Кога ќе помине низ владина процедура, почнувме со реализација. Формиран е Совет за реформи во јавната администрација, со кој претседава лично премиерот, поради тежината на ова прашање, додаде Османи.