Томе Ефтимов – најдобар млад научник за 2018 година

 Претседателот Ѓорге Иванов, денеска на д-р Томе Ефтимов, кој работи на полето на информациските технологии, му го додели признанието „Најдобар млад научник“ за 2018 година.

Ефтимов е роден во 1989 година во Струмица. Додипломските студии ги завршува на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитет „Св. Кирил и Методиј” – Скопје во 2011 година. Трипати е добитник на награда за исклучителни напори и достигнувања на Факултетот за електротехника и информациски технологии. Во текот на студирањето ја добива стипендијата за 125 талентирани информатичари, која беше доделувана од Министерството за образование и наука. Магистрирал во  2013 година во областа на теорија на информации и комуникации. Докторирал во 2018 година на Научно-истражувачкиот Институт „Јожеф Стефан“ во Словенија, на тема „Статистичка обработка на податоци и обработка на природни јазици за нутриционизам”.

-Тој е исклучително талентиран и млад научник со големи капацитети, знаење и искуство во научноистражувачката работа. Од она што може да се види од неговата биографија и од досегашните остварувања, апсолутно сум убеден дека пред него се години и години плодна научна работа на полето на  информациските технологии, рече претседателот Иванов на свеченоста по повод доделувањето на признанието.

Од јануари 2019 година Ефтимов е постдокторски истражувач на отсекот за анализа на биомедицински податоци на универзитетот Стенфорд, Калифорнија, САД. Резултатите од научните истражувања на Ефтимов од последните пет години се објавени во меѓународни списанија со високи фактори на влијание, своето научно истражување го има претставено на повеќе меѓународни конференции и работилници, има одржано повеќе предавања поврзани со неговите истражувања на неколку Универзитети. Соработува со повеќе лаборатории и универзитети. Учествува во организација на повеќе меѓународни работилници и конференции и работи како рецензент во повеќе меѓународни научни списанија.

-Она што би им го препорачал на младите, без разлика дали себеси се гледаат во науката или не, е да веруваат во себе и во своите можности, но и верно да ги следат своите соништа. Само така тие соништа ќе станат убаво јаве. Кога се запишав на додипломските студии на Факултетот за електротехника и информациски технологии, никогаш не замислував дека еден ден ќе се запишам и на докторски студии, ниту дека ќе бидам дел од Стенфорд. Но, воден од сопствените соништа и амбиции, сето тоа стана моја реалност и дел од животот кој го живеам, рече Ефтимов.

Доделувањето на признанието „Најдобар млад научник“, деветта година по ред на иницијатива на претседателот Иванов, има за цел  да го поттикне развојот и да ги стимулира вложувањата во науката, да ги поддржи научните установи и младиот научен кадар, но и да ги награди врвните научни достигнувања.

-На младите научници е неопходно да им ги овозможиме сите услови за напредок и развој, за максимално користење на нивниот креативен потенцијал. Верувам дека и доделувањето на признанието „Најдобар млад научник“ го зголемува интересот за значењето на македонската научна мисла и потребата од инвестирање во неа. Само со инвестирање во науката и со поддршка на младите научници, Македонија може да прерасне во земја на иновации и на нови технологии кои ќе бидат двигатели на македонската економија во 21 и 22 век. Верувам дека оваа визија ќе биде прифатена и од мојот наследник  во интерес на македонската наука, бидејќи инвестирањето во науката не е трошок, туку влог во развојот на нашата Македонија, рече претседателот Иванов на свеченоста по повод доделувањето на признанието.

Досегашни носители на признанието „Најдобар млад научник“ од 2010 до 2017 година се Никола Златанов, Трифче Сандев, Катерина Бачева, Петар Стојанов, Даниел Денковски, Михаела Ангелова, Христијан Ѓорески и Сретен Давидов.