Ќе се унапредува соработката во одбраната, но Турција бара да се преземат мерки против Фето

Со Турција не врзува цврсто пријателство што трае во изминатите децении, а врските во одбраната се исклучително силни. Од 1992 година изградена е цврста соработка и во економијата и во културата, а таа соработка ќе се унапредува и ќе продолжи поддршката од Турција за нашата земја, особено во модернизација и обуката на Армијата на Северна Македонија, заклучија на прес-конференцијата по средбата министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која денеска е домаќин на министерот за национална одбрана на Република Турција, Хулуси Акар.

Министерот Акар, сепак, предупреди дека структури на организацијата Фето, што постојат во Северна Македонија, им штетат на на односите на двете земји и го саботираат на некој начин пријателството и братските односи што ги имаме.

– Имаме имиња на некои од поглавните од терористиката организација, што се поделени меѓу институциите на двете земји и длабоко сум уверен дека во наредните денови институциите на Северна Македонија ќе преземат конкретни мерки околу тоа. Им веруваме на институциите на Северна Македонија, порача меѓу другото министерот Хулуси Акар и изрази надеж дека во наредниот период ќе се направат конкретни мерки да се ослободат од оваа терористичка организација.

Министерката Шекеринска изрази очекување дека во иднина Турција ќе го ратификува Протоколот за пристапување на нашата земја во НАТО и информира дека неполни два месеци од процесот на потпишување на Протоколот веќе девет земји членки на Алијансата го имаат ратификувано, меѓу кои први земјите соседи членки на НАТО.

– Турција не е наш непосреден сосед, но секогаш се однесуваше и повеќе од сосед, беше тука кога на нашата држава и требаше помош и поддршка и ние тоа не го забораваме, нагласи Шекеринска.

Според неа, успешната соработка во одбраната се гледа и во најтешките полиња за соработка, а тоа се мисиите во странство како што е во Авганистан, каде нашите војници учествуваат во рамки на турскиот контингент. За нивото на доверба меѓу двете армии, подвлече Шекеринска, покажува и фактот што втората позиција во командата во Авганистан и е доверна на воен старешина од нашата армија.

За Турција, Република Северна Македонија е исклучително важна, а историските и културните врски се многу силни,    изјави  министерот за национална одбрана на Република Турција, Хулуси Акар, додавајќи дека е многу важно зачленувањето на земјата во НАТО, а на тој пат неговата земја ќе продолжи со силна поддршка.

Министрите за одбрана информираа дека високите школи и воените институции во Турција досега се обучувале над 1.200 припадници од Армијата. Турскиот министер за одбрана упати пофалби и за оние припадници на нашата Армија кои се обучуваат во високите школи, како и за професионалноста и подготвеноста на сите кои се и биле во мисиите во Авганистан.