Писмена реакција за изјавата на Јанис Бутарис за АПЕ-МПЕ

Почитувани,

Во врска со тврдењата на Градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис, кој за радиото на Грчката новинска агенција АПЕ-МПЕ после пред новогодишната вечера со Премиерот Зоран Заев во Солун изјави дека му е ветено дека ќе се преименува аеродромот и автопатиштата и дека препознал дека луѓето од Македонија бараат нов идентитет, Претседателот на Македонската Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, ја упатува следната реакција:

Просто е нереално колку Премиерот Зоран Заев дозволува да се понижува Татковината и целиот Македонски народ. Како е возможно Премиерот на Република Македонија да се впушта во разговори со Градоначалникот на Солун за спорот за името, да лицитира со нови имиња, да ветува преименувања на аеродроми, автопатишта? Нели во Скопје, Јанис Бутарис соопшти дека тој не води надворешна политика и нема мандат да зборува за спорот за името? Ако Зоран Заев се обидува преку Јанис Бутарис да ја омекнува Грчката радикална јавност, тогаш избрал погрешна адреса. После секоја средба со него Градоначалникот на Солун излегува со скандалозни тврдења кои актуелната Влада на Република Македонија упорно избегнува да ги демантира. Илјада пати ние од Македонската Алијанса сме изјавиле дека сметаме дека е добро Македонија да инвестира во унапредување на односите со соседите. Но таквата надворешна политика мора да биде заснована на принципи, да не промовира сервилност туку реципроцитет. Спорот за името не е приватна или семејна работа на Премиерот Зоран Заев за да тој се раздава со ветувања кои не знае дали може воопшто да ги спроведе. Јанис Бутарис е во тешка заблуда ако мисли дека ние бараме нов идентитет. Неговите романтичарски изјави дека од него нема поголем Македонец се доказ за неизлечивиот вирус на радикализам, иредентизам и национализам кој за жал во себе го носат речиси сите Грчки политичари. За ваквите провокации, од Премиерот Зоран Заев се очекува пред Грчките радикали да го покрене прашањето, ако Македонија навистина не постоела, или секогаш била дел од Грција, како што тие тврдат, зошто тогаш нивната асимилаторска власт после 1913 имала потреба да ги смени сите топоними во присвоената Егејска Македонија? Зошто Грција како осудена земја од Меѓународниот Суд во Хаг, за прекршување на Времената Спогодба со ветото од Букурешт од 2008, се уште не ја почитува пресудата и меѓународното право и упорно ги блокира Македонските Евроатлански интеграции.

Најодговорните политичари во Татковината, без разлика дали се СДСМ или ВМРО ДПМНЕ, без разлика на нивната етничка припадност, доколку навистина го сакаат опстанокот на Македонија, мора да учат од минатото. Некоја друга генерација политичари претходно, сменила Устав, знаме откажувајќи се од сонцето на Кутлеш, прифатила срамна привремена референца ПЈРМ за да обезбеди прием во ООН, направила многу крупни отстапки на штета на својот народ, а Грција, без разлика кој е таму на власт, не отстапува од својата ирационална политика на блокади и закани. Нивните барања немаат крај. Погледнете ја последната кампања наречена „Македонија значи Грција“ која ја спроведува „Грчката федерација на културни здруженија на Македонците“ заедно со Грчките здруженија и организации на нивната дијаспора и 60 медиуми кои се јавуваат како покровители на барањето терминот Македонија да не биде вклучен во нашето име. Најавуваат серија на митинзи меѓу кои и еден голем во Солун.  Јасно е дека нивната цел е да не збришат како народ.

Македонската Алијанса е уверена дека сега е моментот да се одважиме и да ги прекинеме преговорите! Секоја нова фаза ќе не носи поблиску до бездната. Актуелната Влада треба веднаш да прекине со сервилната надворешна политика која очигледно се злоупотребува. На Татковината не и се потребни нови и поголеми понижувања. Македонскиот народ се определил за членство во ЕУ и НАТО, ама по цена да се разобличи и се откаже од својот национален идентитет.

МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА

Претседател, 

Ѓорѓија Џорџ Атанасоски