Пендаровски со две изборни цели: Меѓуетничка кохезија внатре и држава интегрирана во евроатлантските структури

Под слоганот „Заедно напред“ претседателскиот кандидат  Стево Пендаровски во рамки на изборната кампања ќе промовира две, како што днеска изјави, најважни политички цели и тоа внатре во државата да постои, да се одржува и да се унапредува меѓуетничката кохезија, со инклузија на сите етнички заедници во институциите на системот, а надворешно земјата мора да биде интегрирана во евроатлантските структури.

Според него, на овие избори како ретко кога е изразена разликата во однос на политичките цели кои секој од претседателските кандидати сака да ги постигне.

– Македонија како просперитетно, демократско и интегрирано општество и држава, тоа е мојата цел. Концептот на главниот политички опонент е концепт кој води во изолација, кој сака да ги поништи сите придобивки кои ги имавме во изминатите две години. Се борат за поништување на Преспанскиот договор, за поништување на Рамковниот договор, за блокирање на патот кон НАТО и  ЕУ.  Ние се залагаме за Македонија интегрирана во Европа и просперитетна држава со добра меѓуетничка кохезија внатре, а тие се залагаат за Македонија пред 2001 година, пред Рамковниот дговор или минимум за Македонија од 10 – те години на Никола Груевски, кога бевме изолирани и на Балканот, а не пак пошироко, изјави денеска од Централниот изборен штаб Пендаровски.

Потенцира дека ако не сме демократија не може да напредуваме во интеграциите, ако не сме во интеграциите не може да бидеме демократија внатре. Без демократија, подвлече, нема ниту прогрес.

–  Компромисите кои во меѓувреме ги направивме беа тешки, но нужни и беа единствен начин со зачувување на нашиот идентитетски комплекс да ги отвориме портите на Европа и на светот, да се интегрираме со модерните нации и држави и во кус временски период да станеме дел од нив, рече меѓу другото Пендаровски.

Од Централниот изборен штаб Пендаровски денеска посака фер и трнаспарентна кампања, бидејќи, како што рече, тоа ќе биде битно за да добиеме датум за почеток на преговорите со ЕУ.

Најави дека ќе се залага тој и сите 31 политичка партија и 32 илјади граѓански потписи кои ја поддржаа неговата кандидатура дека ќе направат се и ќе се залагаат да бидат максимално коректни во изборниот процес и да останат во границите на политички фер плеј.

На новинарско прашање какви му се очекувањата за изборната кампања дали европска или вулгарна, Пендаровски вети само позитивен пристап, независно дали од другата страна ќе има непринципиелни напади или навреди.

– Познавајќи ги останатите двајца противкандидати не очекувам ниски удари. Во светот на дигиталните технологии и социјалните мрежи не може да се гарантира за секој од нашите поддржувачи и следбеници, но она што значи политичка структура која мене ме поддржаува, нема да има валкани удари, истакна тој.

Пендаровски информира дека преку седум до осум поголеми трибини со граѓаните и мали трибини, на кои ќе се разговара со помал број граѓани, ќе појаснува што е најдобро заеднички да се направи за државата, ќе ја објаснува нивната политика, концепт, визија и стратегија за иднината на земјата.

Инаку, денеска на своите профили Пендаровски го промовираше видео спотот за песната „Сите едно пееме“, со која и го најави официјалниот старт на кампањата.

Со стиховите „Сите едно пееме, вечерва од љубов семе сееме, полиња со среќа полни жнееме, еден свет без граници да живееме“, песната на Стево Пендаровски мотивира, инспирира и испраќа силна порака за заедништво, соживот и единствената иднина која ја има оваа наша прекрасна земја.

– Видео спотот носи силна визулена поткрепа од убавините на нашата земја, планинските врвови и реки и единственото македонско зајдисонце, прекрасното Охридско езеро, револуционерното Крушево, старата скопска чаршија и традициите кои живеат во неа, хероите на македонскиот спорт и уште многу други.  Во своето обраќање на крајот од спотот, Пендаровски повикува на обединување и потстетува дека патот што го изодевме беше долг и тежок, но и дека само обединети во една заедничка цел, можеме да продолжиме напред и да изградиме држава во која сите ќе сакаме да живееме, стои во соопштението од изборниот штаб на Пендаровски.