СОНК: На вработените во градинките и училиштата не им се продолжува договорот за работа

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) денеска обвини дека на вработените во детските градинки, основните и средните училишта не им се продолжуваат договорите за работа.

– Изминативе денови сме сведоци дека на голем број наставници, воспитувачи и негователи со повеќегодишно работно искуство, без никаква причина не им се продолжува договорот за работа, а на нивно место се примаат нови работници кои по некои „чудни “ критериуми, без ниту еден ден работно искуство, ги пополнуваат вештачки испразнетите места, наведува СОНК во соопштението.

Од Синдикатот посочуваат дека ваквата состојба за нив е неприфатлива и апелира до надлежните институции да се занимаваат со конечно решавање на статусот на овие работници, односно да им се трансформира работниот однос од определено на неопределено работно време согласно Законот за работни односи и Спогодбата потпишана меѓу социјалните партнери од 2008 година.

– Исто така, сакаме да укажеме дека во моментов има голем недостаток на стручен кадар во градинките, а со сегашното отпочнување на процедури на огласи за вработување на испразнетите местата, подолг временски период сегашниот персонал ќе биде принуден да работи со и така преголемиот број на деца во групите, што е надвор од сите стандарди. СОНК најостро ќе реагира на ваквата ситуација, нема да дозволи работа во такви услови и ќе ги употреби сите расположливи законски средства за одбрана на правата и интересите на своите членови, се вели во соопштението.

СОНК ги повикува вработените во дејностите детска заштита, основно и средно образование на кои не им е продолжен договорот за работа, да се обратат до правната служба на Синдикатот и да ги остварат своите права на бесплатна правна помош.