Судбината на Македонците во Соединетите Американски Држави

СУДБИНАТА НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО СОЕДИНЕТИТЕ АМЕРИКАНСКИ ДРЖАВИ 

Од доаѓањето на Македонците во САД, Канада, Австралија и други земји, до конституирањето на македонската држава, тие биле предмет на бугарската, грчката или српската пропаганда. Свои влијанија врз македонските доселеници вршела и Католичката, Англиканската и некои протестантски цркви, затоа одреден број од нив се приклучиле и кон овие цркви. Првата македонско-бугарска црква во САД била формирана и изградена во Гранит Сити, Илиноис, во летото 1909 година. Таа го носела името „Свети Кирил и Методиј”, а била изградена во тогашната населба „Линколн”, во која живееле голем број македонски печалбари претежно од Егејска Македонија и одреден број Бугари.

Како и другите етнички групи со доаѓањето во САД и македонските доселеници создале повеќе етнички организации. Тие им давале чувство на сигурност и станале место за етничко организирање на национален план, градејќи кај нив патриотска верба, љубов и надеж кон својата татковина, Македонија.

Пред Втората светска војна асоцијациите на македонските доселеници биле под силно туѓо влијание, особено на бугарската пропаганда. Но без оглед на тоа, тие ја за­држале својата македонска етничка припадност, зошто нивните друш­тва и асоцијации создавале можности за меѓусебни контакти и за побрза интеграција во новото оп­штество.

Меѓутоа, по конституирањето на Република Македонија во 1945 година и по возобновувањето на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква рапидно се изменија состојбите на организиран црковно-духовен и национален план. Македонските православни цркви започнаа да го опфаќаат мнозинството на македонските иселеници кои се сплотени во самостојни асоцијации, во состав на македонските православни цркви, во кои членуваат Македонци, без оглед од кој дел на Македонија потекнуваат.

Меѓутоа, Македонците отсекогаш  биле   на удар на разни туѓи верски, национални и политички влијанија, кај кои се нашло погодно тло за таквата дејност. Во тој правец активна била бугарската, грчката и српската пропаганда, кои со успех ги вршеле своите замислени цели. Притоа, во прилог одела и неорганизираноста на македонските доселеници кои, за жал, немале ниту своја држава, ниту, пак, свои македонски православни цркви.

Затоа, во периодот од нивното доаѓање во САД, Канада, Австралија и други земји, до конституирањето на македонската држава, Македонците биле предмет на бугарската, грчката или српската пропаганда. Свои влијанија врз македонските доселеници вршела и Католичката, Англиканската и некои протестантски цркви, затоа одреден број од нив се приклучиле и кон овие цркви.

edc2
Црквата „Свети Никола“ во Форт Веин

Според историските документи иселениците биле поврзани преку бројни спомагателни, односно социјално-културни, верски, политички, информативни и други организации и асоцијации. Во периодот меѓу Првата и Втората светска војна, македонските доселеници биле организирани во неколку етнички асоцијации.

Првата организација која ги собирала македонските доселеници во САД и Канада била МПО (Македонски политички организации). Поради ставот на американската влада која не дозволувала политички организирања на доселениците, го променила името во Македонска патриотска (патриотическа) организација (МПО) и како таква дејствува и денес, особено во САД.

МПО била формирана на 30 септември 1922 година во Форт Вејн, Индијана, каде што бил свикан првиот конгрес на македонските политички организации, односно на селските и околиските друштва. Оваа организација се појавила како резултат на желбата на македонските доселеници за свое етничко организирање. Таа првобитно имала правилен став по македонското прашање. Се борела пред светот и пред македонската јавност, како и пред иселеништвото за национална и социјална слобода на населението во Македонија.

Во почетокот за МПО Македонија била еднаква меѓу еднаквите држави на Балканот. Меѓутоа, во периодот меѓу 1927-1929 година организацијата потпаднала под силно бугарско влијание, кога меѓу иселеништво настапил процес на дезориентација и дезорганизација. Оттогаш МПО започнала да ја негира националната самобитност на македонскиот народ, застапувајќи ја тезата за некаков бугарски карактер на Македонија.

Од посебно значење е тоа што по прогласувањето на независноста и сувереноста на македонската држава во 1991 година, односно од 1996 година, пак, започна еден нов процес во односите на МПО кон Македонија. Имено, реализирани се повеќе акции за признавање на независноста на Македонија, направени се бројни посети и средби со политичари и владини претставници од Македонија и друго.

Така, покрај тоа што МПО останува на старите определби, сепак, се забележуваат извесни позитивни промени во раководството на МПО и во однос кон македонското национално прашање и кон македонскиот народ во целина. Денес, генерациите на старите членови на МПО, кои се чувствуваат како Американци и Канаѓани со симпатии гледаат кон прогресот на Република Македонија.

Во 1929 година, пак, во Понтијак, Мичиген, е формирана Првата македонска независна прогресивна група, чиј број подоцна се зголемил на шест во САД и Канада. Организирањето на соработката и координирањето на акциите меѓу прогресивните групи било доверено на Иницијативниот комитет, кој ја свикал Првата конференција, одржана во Толидо, Охајо, на 22 и 23 март 1930 година.

На конференцијата била усвоена Резолуција во која, меѓу другото се зборува за борбата што требало да се води против организацијата МПО која, како што се вели, била оружје на великобугарската државна политика. Исто така, и во другите документи на конференцијата, МПО се третирала како еден од најголемите противници на прогресивното движење на македонската емиграција.

Целта на македонските независни прогресивни групи била да ги обедини Македонците заведени од МПО и да развие политичка активност среде македонските доселеници. А, една од големите желби и барања на овие групи била да се создаде балканска федерација, во која ќе бидат гарантирани широки национални, политички и социјални права и слободи на балканските народи, вклучувајќи го и македонскиот народ од трите дела на Македонија. Во реализацијата на ваквата политика новиот Македонски народен сојуз (МНС) сметал на содејство и поткрепа од сите прогресивни сили и луѓе во светот, особено од оние на Балканот.

Во периодот меѓу двете светски војни, кога МПЦ не беше конституирана како институција, македонските доселеници во САД и Канада не само што учествувале во организирањето и во изградбата, туку и  ги поддржале, ги финансирале и црквувале, главно, во т.н. македонско-бугарски православни храмови. Овие цркви биле поттикнати, изградени и контролирани од МПО. Исто така, пред конституирањето на МПЦ во лицето на Охридската архиепископија, голем број македонски доселеници помогнале материјално и духовно во изградбите и опстојувањето, како и црквувале во српски, грчки, руски, украински, романски и други православни цркви во САД и Канада, меѓу кои едни од најзначајните се следните:

edc3  edc4

Првата македонско-бугарска црква во САД била формирана и изградена во Гранит Сити, Илиноис, во летото 1909 година. Таа го носела името „Свети Кирил и Методиј”, а била изградена во тогашната населба „Линколн”, во која живееле голем број македонски печалбари претежно од Егејска Македонија и одреден број Бугари.

На 14 септември 1909 година била осветена и отслужена првата богослужба од бугарскиот архимандрит Теофилакт. Уште во јуни 1908 година, архимандритот бил испратен од администрацијата на Светиот синод од Софија да им служи на Бугарите. Меѓутоа, неговата цел и намера била и да ги „прибере” Македонците во крилата на Бугарската православна црква, која, во тој период имала силно влијание врз Македонците, особено печалбарите од Беломорието Меѓутоа, по Втората светска војна црковниот живот замира, затоа во 1954 година била продадена на Ерменската апостолска црква.

Во периодот меѓу двете светски војни во Соединетите Американски Држави биле изградени десетина македонско–бугарски или бугарско-македонски православни цркви. Но, од сите нив најактивна е црквата „Свети Климент Охридски” во Детроит. Имено, најбројната македонска колонија во САД е Детроит, каде поголем број печалбари од Македонија дошле уште во почетокот на XX век. Дошле од различни причини и национални, политички и религиозни убедувања.

Во март 1935 година биле удрени темелите на новата црковна општина која го добила името „Свети Климент Охридски”. Новиот храм бил завршен за три години и служел сè до 1964 година кога дошло до поделба меѓу членството. Едната фракција останала во црквата „Свети Климент Охридски”, изградена во 1964 година, а осветена во јуни 1966 година од бугарскиот митрополит Андреј, како голем троброден храм, во кој денес црквуваат голем број Македонци од сите делови на Македонија, како и мал број Бугари и други христијани. Другата фракција, пак, изградила нова црква во Дирборн Хајтц со ново име „Свети Павле”.

Ваквата состојба била последица на поделбата во Бугарската православна црква, што се одразила и во иселеништвото. Затоа, од 1963 година во САД и Канада постојат две администрации. Во едната администрација се лојалните на Бугарската православна црква, здружени со Источната православна црковна епархија за Северна и Јужна Америка и Австралија со седиште во градот Њујорк, која контролира осум цркви, а во другата е Епархијата на Бугарската православна црква за САД и Канада со седиште во градот Толидо, Охајо, која  под своја јурисдикција и контрола држи девет цркви.

Продолжува

c6

Пишува: СЛАВЕ КАТИН