Симовски: Нема да има злоупотреби во пописот на дијаспората, ќе се користи комбиниран метод

Лицата кои живеат во странство ќе се попишуваат на два начина. Прво ќе се овозможи преку посебна апликација на нашата веб страница овие лица сами да се попишат, а втората можност ќе биде за лицата што се во странство да добиеме податоци од нивни блиски роднини, членови на домаќинствата кои се наоѓаат во земјава.

Ова денеска го изјави директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски, пред промовирањето на проектот за „Унапредување на производството и дисеминацијата на статистичките податоци“.

Вели дека нема да има класичен попис во дијаспората како што имаше во 2002 и требаше да има во 2011 година.

– Ќе се обидеме на секој начин да ги опфатиме што е можно повеќе лицата кои се надвор, бидејќи тие информации ни се исклучително битни, со оглед на тоа што Македонија како и сите останати земји во регионот, за жал е емиграционо подрачје и сите сме свесни дека голема популација отиде надвор и сакаме да добиеме информации за нив. Тоа е единствената цел со пописот, подвлече Симовски.

Вели дека не треба да има стравувања дека ќе има злоупотреби во однос на пописот на дијаспората.

– Во однос на стравувањата дека ќе има какви било злоупотреби во овој дел, нека не се плаши никој со оглед на тоа што во овој попис ќе се користи т.н. комбиниран метод. Се ќе се проверува ќе користиме и регистри, се ќе се провери и нема да може се протне никој  што не е единица за попис, оцени директорот на Статистика.

Истакна дека од друга страна ќе бидат користени сите правила што ги пропишува меѓународната заедница во однос на пописот, во однос на дефинирањето на категориите на населението, независно од тоа што се ќе биде цел на пописот. Секоја категорија на население како што е дефинирана, согласно препораките на Обединетите нации и Евростат, вели Симовски, ќе биде така дефинирана и во нашиот попис.

– Се ова што го слушам и читам по порталите дека ќе се попишуваат лица на пример што не постојат, луѓе што починале итн. сето тоа ќе се проверува. Ние како институција добиваме информации за секое раѓање на дете на наши државјани во странство, но и за лицата кои починале во странство. Така што се се проверува, сите податоци ги имаме во нашите бази, и ќе нема можност за никаква злоупотреба, појасни Симовски.

Вели дека немаме статистика колку наши државјани живеат во странство и е невозможно е да се следат иселувањата, бидејќи никој не го регистрира своето иселување и поради тоа овие лица се вклучени во пописот.

Директорот на Статистика додаде дека оние лица кои престојуваат во странство па се враќаат тука, рече дека за нив ќе се регистрира времето на престој во странство, на пример за оние кои сезонски одат да работат во странство, колку време се таму. За оние кои се трајно таму, вели Симовски, кога доаѓаат тука за одмор и за посета на роднини и пријатели, тоа отсуство од таму од каде што се наоѓаат не се смета за прекин на престојот во странство.

Во однос на тоа дали ќе бидат врзани потписите на директорот и заменик-директорот во однос на пописот, Симовски рече дека засега тоа не е вклучено во предлог-законот за попис, но и тоа да се случи, нема да претставува проблем, бидејќи како што рече, тие двајца се професионалци и нема недоверба во тој дел.

Рече и дека како и досега на терен ќе оди само еден попишувач, а само во оние мешани средини каде што има лица од различни етнички заедници што говорат различен јазик, заради можноста да се попишат на сопствениот јазик, ќе има двајца па и повеќе попишувачи, но само во тие случаи.

Портпаролот на Владата Муамед Хоџа во средата на прес-конференција рече дека Владата на следната седница ќе го разгледа законот за попис на населението.

– Нема недоразбирања, Законот за попис на населението не беше на дневен ред и очекуваме за него да се дискутира на следната седница, рече Хоџа во средата и повтори дека недоразбирања околу Предлог-законот нема, бидејќи тој е хармонизиран со сите партнери.