Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион-ЦРППР, поддржан од Министерството за локална самоуправа, на промотивна конференција претстави проект за регионален развој на туризмот со искористување на постоечкиот македонски и грчки ресурсен потенцијал.
На промотивниот настан во Битола, заменик министерот за локална самоуправа Дејан Павлески истакна дека проектот I-TOUR значи промоција за развој на туризмот во Пелагонискиот регион и регионите на Лерин и Солун во соседна Грција.
-Овој проект овозможува промовирање и соработка меѓу двете соседни држави и е финансиран со над 760.000 евра. Преку ИПА компонентата ќе биде финансирано и отворањето на граничниот премин „Маркова нога“ во Преспа, а ние како министерство работиме што повеќе да ги искористиме овие можности што ги нуди ЕУ преку овие програми, нагласи Павлески.
Носител на проектните активности е ЦРППР-Битола, а имплеметацијата ќе се реализира со четири партнери, односно два од Пелагонискиот регион и два од соседна Грција.
-Цел на проектот е да се адресираат и дефинираат проблемите и недостатоците што ги имаат Република Северна Македонија и Република Грција, односно недостигот на заеднички туристички производ и недоволната искоритеност на постоечките потенцијали што ги имаат двата региони. Преку овој проект ќе го промовираме регионот Битола-Лерин-Солун, ќе се мапираат постоечките туристички потенцијали и производи, кои потоа ќе се промовираат пред меѓународни тур-оператори и медиуми, за да се учествува на меѓународни саеми. Ние сакаме Пелагонискиот регион да биде конкурентен регион, и затоа имаме 3 готови туристички понуди, посочи Гого Видимче, раковидтел на ЦРППР-Битола.
Потенцијалните атрактивни туристички места ќе ги утврдат експерти од двете држави.
-Проектните тимови се одлични, работиме од двете страни и посебно сакаме да го искористиме потенцијалот на Преспанското езеро, кусо изјави Јоанис Тампакоудис, универзитетски професор од Солун.
Во проектот вклучени се претставници на националните паркови „Пелистер“ и „Преспа“, Факултетот за туризам и угостителство-Охрид и Факултет за бизнис и администрација-Солун.