Во организација на Министерството за надворешни работи денеска се одржува вториот последователен Семинар за билатерални прашања во рамки на Берлинскиот процес, по минатогодишниот семинар во Виена.
– Сите ние во нашиот регион, ги споделуваме бенефитите од решавањето на отворените прашања, но заеднички ги трпиме и последиците од нивното нерешавање или ескалација. Притоа аголот на перцепција најчесто е двостран: како ние од регионот гледаме на самите себе и како Брисел гледа на нас. Нашата перспектива треба да биде водена од фактот дека добрите вести за еден се добри вести за сите, и помагаат за подобрување на имиџот на регионот во целина. Гледиштето на Брисел мора да поаѓа од потребата за одржување реалистична и дофатлива ЕУ перспектива за регионот, како исклучително важен поттик во решавањето на билатералните прашања. Договорите со Бугарија и Грција претставуваа токму тоа, рече на отворањето на семинарот министерот за надворешни работи, Никола Димитров.
Со голема посветеност и визија за иднината, посочи, успеавме да дојдеме до едно историско помирување и да создадеме „домашни“ добри вести, европски успех што потекнува од нашиот регион – мала Европа на Западниот Балкан.
Семинарите на високо ниво се предвидени во Декларациите за добрососедски односи усвоени на Самитите на Берлинскиот процес во Виена и Лондон, а учествуваат претставници од земјите од Западен Балкан и од ЕУ членки вклучени во Берлинскиот процес, Службата за надворешни работи на Европската Унија, Европската комисија и претставници на невладини организации, наведуваат од МНР.