Конференција во МАНУ: НАТО предизвикувач на позитивни поместувања

Научна дебата за прашања поврзани со вредносниот и безбедносниот систем на НАТО, но и соодветни препораки за градење на институцииналниот капацитет во земјава за постигнување на стандардите на Алијансата не само во сферата на безбедноста, мирот и стабилноста, туку и во сферата на владеењето на правото, економијата…, се одржа денеска во МАНУ, во организација на Центарот за стратегиски истражувања на Академијата.

НАТО не е само политички и воен сојуз, туку структура која гради еден цел вредносен систем во земјите-членки и предизвикува позитивни поместувања во повеќе сфери, меѓу кои и економијата, заклучија учесниците на конференцијата.

-Врската меѓу НАТО и економијата не се однесува само на инвестиции во одбраната, тоа е повратна врска. Ние тие резултати ги видовме и пред членството. Не е случаен фактот дека токму во 2018 година кога покажавме голема амбициозност и ја добивме поканата за членство во Брисел успеавме да забележиме речиси четирикртатно зголемени директни странски инвестиции, истакна пред учесниците министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Нагласувајќи дека седум децении НАТО ги штити безбедносните и политички заедничките вредности на демократиите и шири стабилност низ целиот свет, Шекеринска напомена дека тоа е причината зошто нашата држава стратегиски ја донесе одлуката да почне го процесот на интегрирање во овој сојуз.

-Бидејќи така сме многу посилни, отколку ако останеме сами и изолирани, рече Шекеринска и додаде дека целта на Република Северна Македонија е што поскоро и формално и фактички да стане дел од од оваа моќна Алијанса.

Потсети дека досега Протоколот за пристапување на земјава во НАТО е ратификува од девет земји-членки и додаде дека и Белата куќа вчера го испратила извештајот и предлогот до Сенатот да го ратификува Протоколот.

Пред присутните говореше претседателот на МАНУ, Таки Фити, кој посочи дека нема сомнение дека економските придобивки од пристапувањето на земјата во НАТО ќе бидат големи.

Истакна дека бројни студии покажуваат дека постои позитивна корелација меѓу членството во НАТО и динамиката и квалитетот на економскиот раст и развој на новопримените држави во периодот од 1999 до 2009 година.

Фити појасни дека тие позитивни ефекти се пренесуваат преку три канали – зајакнување на владеењето на правото и ефикасен правосуден систем, изградба на пријателска инвестициска клима и зголемување на очекувањата на домашните инвеститори, кај кои расте довербата во македонската економија.

Поранешниот хрватски претседател Иво Јосиповиќ пред учесниците ги изнесе искуствата и придобивките на Хрватска која од 2009 година е членка на НАТО.

-Хрватска како новосоздадена земја, како и Македонија го одреди својот пат и своето место кон западниот демократски свет и ние од почетокот имавме неколку важни цели на нашата внатрешна и надворешна политика – заштита на интегритетот и партиципирање во најважните мултинационални институции, рече Јосиповиќ и додаде дека во хрватското општество имало консензус за овие прашања.

Нагласи дека НАТО е сојуз на континуирана промена на вредносниот систем на нејзините земји-членки, истакнувајќи дека некои земји знаат да западнат во одредена состојба на политичка регресија, врзувајќи се со вредности, кои глобално во рамки на Алијансата се менуваат и повеќе не им служат на новите текови.

Францускиот амбасадор во земјава, Кристиан Тимоние  истакна дека НАТО се менувала како што се менувале времињата. Нагласи дека нема мали и големи земји и оти сите имаат своја важност во рамки на Алијансата и изрази надеж што поскоро да ја види Северна Македонија како полноправна членка.

Тој најави дека наскоро и францускиот Парламент ќе го ратификува Протоколот за пристапување во НАТО.

Зајакнување на безбедноста на граѓаните на сите нивоа и од сите форми на закани е една од главните придобивки од членството во НАТО, според академик Владо Камбовски.

Тој појасни дека тоа значи и безбедност во однос на власта, носителите на функциите, бидејќи како што напомена изминатиот период бевме најегземпларен случај на злоупотреба на моќта на штета на човековите права.

-Имавме држава во која беа безбедносни некои институции и носители на тие институции, но не беа безбедни граѓаните, рече Камбовски.

Нагласи дека за формалното пристапување на земјата во НАТО нема да биде потребен референдум.