Општините со голем потенцијал за развој на социјалното претприемништво

Општините можат да одиграат клучна улога во заживувањето на социјалното претприемништво во Македонија, но и самите носители на социјалните бизниси треба да излобираат поддршка на активности и да настапуваат заеднички, сметаат невладините организации кај кои има тренд на практикување на овој вид претприемништво.

Преку ИПА проект поддржан од ЕУ во рамки на оперативната програма за развој на човечки ресурси 10 Рoмки поминаа обука и се вработија  во социјално претпријатие за професионална грижа на стари лица во домашни услуги со што се стекнаа со економска независност. Бројката на овие вработувања е незначителна, но важна е пораката и перспективата за оваа ранлива категорија која тешко доаѓа до егзистенција.

– Не сме семоќни таму каде што работиме, но  во голема мерка можеме да придонесеме некој да  го живее достоинствено животот. Добивме можност и со организацијата ХЕРА и проектот Нега плус веќе сме вработени. Прекрасено е чувството  да можете да му помогнете некому, а покрај тоа да добиете и финансиска поддршка и да придонесете за домашниот буџет, вели Ѓулизаре Зекировска, која е една од ангажирани преку  „Нега плус“, што го отвори Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА.

Драгана Каревска Чемерска, програмски раководител на  ХЕРА, вели дека препознавањето на долгорочната  невработеност како клучен фактор за сиромаштија, како и  малото учество на ромското население на пазарот на труд било клучен мотив во осмислување и реализацијата на активностите. Заедно со Општина Центар и со Групацијата СОС од Франција кои биле нивни  партнери во проектот отвориле можности за зајакнување  на позицијата во општеството токму на Ромките гледајќи на нив како едни од најмаргинализираните групи во Македонија.

– Свесни за потенцијалот  што го носи социјалното претприемништво како иновативен модел за промоција на социјалната  инклузија, ресоцијализација и  вработување на ранливите групи граѓани, заедно со партнерските организации, осмисливме алтернативни  безбедни форми за остварување приходи, вели Каревска-Чемерска.

Откако увиделе дека локалните власти имаат огромна улога во давањето поддршка и можности за развој на вакви социјални бизниси изготвиле предлог програма за развој на социјално претприемништво во општина Центар.

Како што укажува Ана Филиповска, локален консултант, предлог програмата треба да биде мотив и останатите општини да го следат примерот и да преземат активности со кои ќе ги финансираат социјалните претпријатија што вработуваат ранливи категории  граѓани.

– Социјалните претпријатија  се главни актери за развој на социјална економија на една територија. За да имаме повеќе социјални претпријатија кои вработуваат ранливи категории лица неопходна е финансиска поддршка што треба да дојде од локални, национални или интернационални фондови, вели Филиповска.

За заживувањето на социјалното претприемништво, како што вели, е потребно формирање формални мрежи на постоечки социјални претпријатија.

– Ние немаме национална стратегија за социјални претпријатија, немаме дефиниција за тоа што сметаме дека е социјално претприемништво и кои се критериумите. Тоа можеме да го направиме само ако направиме формална мрежа и сите социјални претпријатијатија да седнат заедно  и се договорат кои се критериумите што го дефинираат социјалното претприемништво. Сметаме дека ова е од огромна важност, вели Филиповска која воедно препорачува и вмержување и соработка со мрежи во Југоисточна, Централна и Западна Европа.

Како еден од начините за поддршка ја наведува промената на политиката на јавни набавки по примерот на успешните европски економии.

– Ако ги погледнеме локалните  и националните политики на европските држави, на пример во Франција, ќе видиме дека таму излобираа посебна политика за јавни набавки каде што ја стимулираа набавката на производи и услуги од страна на социјални претпријатија. Така самите претпријатија веднаш ќе имаат пазар каде ќе го ласираат својот  производ и услуга заради тоа што самото социјално претпријатие, освен што пласира одредени производи или услуги, односно има економски и комерцијални активности, главната цел е и самата социјална вредност, односно вработување ранливи категории лица, или самата добивка ја инвестирате конкретно во одредени социјални активости и општествени предизвици кои ги имаме на една територија, појаснува Филиповска.

И самите претпријатија, додава, треба да лобираат поактивно кај општините за финансиска поддршка на конкретни активности за субвенционирање јавни сервиси и вработување ранливи категории граѓани.

Со потребата од промените во јавните набавки како во европските држави каде во законите се воведени социјални клаузули, се согласува и Александра Илоска од Асоцијацијата за истражување „Паблик“ и издавач на уличното списание „Лице влице“. Неопходно е, смета таа, и заедничко делување како и формирање фонд за социјални инвестиции.

– Многу е важно да почнеме да ја користиме таа терминологија затоа што идејата за социјални инвестиции е токму инвестирање за унапредување на животот на луѓето, вели Илоскa и појаснува дека треба да се дадат и препораки со кои, на пример, во големите синџири на набавки на една голема компанија би се вклучиле социјалните претпријатија затоа што тоа е битна компонента за нивен развој и социјална одржливост.

Како резултат на активностите на Групацијата СОС во Франција се вработени над милион лица во социјални претпријатија.

Во Македонија се планира и донесување закон за регулација на социјалното претприемништво. Направени се дополнителни анализи на предлог текстот со поддршка на меѓународен експерт, за што е подготвен извештај со предлози за подобрување на законската легислатива во делот на социјалното претприемништво и другите поврзани закони, водич за мониторинг методологија и предлог за промоција на социјалното претприемништво.

Од Министерството за труд и социјална политика истакнуват дека предвидено е нов текст на Законот да биде подготвен во текот на 2018 година. Во меѓувреме, се анализираат другите закони кои се од интерес за поттикнување на социјалното претприемништво, при што до почетокот на годинава планирано е да се подобри еко системот за основање ваков тип на претпријатија.

Со ревидирање на Оперативниот план за вработување за 2017 година, воведени се две мерки што директно се однесуваат на развојот на социјалното претприемништво и тоа за финансиска и советодавна поддршка за раст на микро, мали и средни претпријатија и социјални претпријатија и за поддршка за создавање нови работни места во граѓански организации.

Од Министерството најавуваат дека најверојатно овие мерки ќе продолжат и во годинава, можеби со некои промени по извршените анализи на мерките од минатата година.

Се разгледува можноста и за дополнителни мерки, а има и најави од комерцијалните банки за овозможување евтини кредити за поддршка на социјалните претприемачи, со кои партнерски може да се креираат мерки кои ќе имаат поголем ефект на развојот.

Еден од најпозитивните примери на социјално претпријатие од МТСП го посочуваат здружението на граѓани „Избор Струмица“, кое раководи со тераписка заедница „Покров“, за лечење на зависници од дрога и алкохол, а воедно работи на производство на раноградинарски култури, производство на овошје и зеленчук, со што ја обезбедува својата одржливост.

Овие добри примери, посочуваат од Министерството, треба да се пренесуваат и во другите локални  заедници и граѓански организации, со цел  да се разбере концептот и да се разбере дека социјалното претприемништво е сепак бизнис, но со една поинаква мисија- профитот да се наменува за општествено корисни цели.