Заев: Македонскиот јазик е јазикот на Македонците насекаде во светот, во дијаспората и дома

Македонскиот јазик е јазикот на Македонците насекаде во светот, во дијаспората и дома. Тоа е официјалниот јазик признаен од целиот свет. Тоа е дел од идентитетското прашање, како што е македонскиот народ со својот идентитет вграден во Уставот. Македонски јазик и Македонци блеска во личната карта на ОН. Таму сме регистрирани без ѕвезда, без фуснота без ништо. Конечно е потврден идентитетот од сите. Македонскиот јазик е јазик на Македонците и во Австралија, Америка, Канада и во Швајцарија и во Германија и од никој повеќе не оспоруван.

Ова вечерва го истакна премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев вечерва во ТВ дуелот со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во емисијата „Само вистина“ на Канал 5. Сите сме свесни, посочи, дека без Договор со Грција нема НАТО нема ЕУ.

– Сите граѓани дали се во Воден, Солун, во Кавала, каде и да се, Грција треба да си каже дека имаат право на друг јазик, каков јазик зборат и сл. За нив е грчкиот официјален јазик. Го почитуваме нашиот јужен сосед, ги почитуваме неговите уставни норми кои ги има и тоа значи внимателност на прашањето. Секаде во дијаспората Македонците зборуваат македонски јазик, дома Македонците зборат македонски јазик, службен и официјален јазик е македонскиот јазик. Ние сме македонски народ покрај Албанците, Србите, Турците, Ромите, Власите, Бошњаците…рече Заев.

Тој истакна дека Илиденска Македонија било прифатливо и од него и од грчкиот премиер Алексис Ципрас, било одбиено дома од опозицијата. Појасни дека претседателот Ѓорге Иванов дал позитивни насоки и на лидерската средба и во неговото соопштение, а од грчка страна исто така тоа било одбиено.

На прашање на водителот дали решението Република Северна Македонија било наша желба или грчко барање, Заев одговори дека тоа било желба на македонската страна.

– Ние се определивме за северна од проста причина што северна постои, ние сме северниот дел. Со Горна и никаде не постои во светот не постои именување на држава. И во транскрипциите, во преводите на сите можни јазици, апсолутно е многу важно што остана Македонија во самото име. Верувам дека решението е добро за двете страни, решение кое гради иднина кое останува аманет на идните генерации да градат пријателство, стратешки партнерства, да одат напред, да си помагаат меѓу себе, додаде Заев.

Според Мицкоски, содржината на Договорот не ги заштитува нашите национални интереси.

– Апсолутно да требало да има договор, но ваков каков што го имаме сега на маса со сите импликации апсолутно не, тој е комплетно погрешен и не нуди иднина, туку напротив ги комплицира процесите, рече Мицкоски.

Тој не му даде јасен одговор на премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев дали ќе го поништи Договорот од Преспа, а наместо тоа неколку пат го праша на кој јазик говорат Македонците во Северна Грција.

Нагласи дека е мошне внимателен кон Договорот од Преспа, со кој се надмина неколку децениски спор, се зацврстија пријателските односи со Грција и се отворија вратите на земјава за НАТО и ЕУ.

– Грција е наш пријател. Нема да ме натерате да се скарам со Грците, додаде Заев.