Димовски на 106-та сесија на Постојаниот Совет на меѓународната организација на Франкофонијата во Париз

 Државниот секретар во МНР на Република Северна Македонија, Виктор Димовски денеска учествуваше на 106-та сесија на Постојаниот Совет на меѓународната организација на Франкофонијата во Париз.

Како што соопшти МНР, Димовски на сесијата информирал во врска со активностите за затворање на долгогодишните отворени прашања со соседните земји, кои заедно со реформските активности на внатрешен план го отворија патот на нашата земја кон европските и евроатланските интеграции.

Во овој контекст Димовски изразил очекување за поддршка од земјите партнери во оваа организација, кои се воедно членки на ЕУ и НАТО, за што поскора ратификација на пристапниот протокол за членство во Алијансата и отпочнување на пристапните преговори за членство во ЕУ.

Државниот секретар Димовски ја реафирмирал определбата на нашата земја како полноправна членка на Меѓународната организација на франкофонијата да даде целосен придонес за надминување на економските и политички предизвици на денешницата. Притоа, искажал поддршка на тековните активности на оваа организација на планот на превенција и надминување на кризи, демократска транзиција и консолидација на мирот.

На сесијата Димовски информирал за тековните активности со кои нашата земја е вклучена во Националната Франкофонска Иницијатива 2019-2022 која ќе овозможи продлабочување на познавањето на францускиот јазик на стручните кадри во јавната администрација, како и за предлогот за организирање на регионален собир за зајакнување статусот на жените франкофони од централна и источна Европа во текот на оваа година во Скопје.