Преведувањето обемна документација, предизвик во Законот за употреба на јазиците

Најголемиот предизвик во однос на Законот за употреба на јазиците ќе биде преведувањето, бидејќи имаме институции со големи количини на преводи што ќе треба да се сработат на дневна основа и кои треба да бидат според највисоките стандарди.

Ова денеска го изјави вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи по состанокот во Владата со претставниците на Меѓуресорската работна група за спроведување на Законот за употреба на јазиците и со директорот на Агенцијата за спроведување на законот, Илбер Села.

– Сега сите документи ќе имаа легална важност, така што веќе нема нема да има приоритизирање на кој превод е официјален, односно легален. Така што треба да се внимава на секој збор, на секоја реченица, бидејќи тоа е документ врз основа на кој се добива некое право или пак се воспоставува некое правило. И тука ќе биде предизвикот бидејќи има многу институции – 1.300 институции што сега ги одбележавме, за во Централниот регистар да ги запишуваме тројазично, рече Османи.

Изрази уверување дека во тоа голем дел ќе помогнат земјите со слична проблематика што се мултијазични, а, како што најави, ќе се организира и Донаторска конференција, со која ќе се вклучи и донаторската заедница, не само во градење на логистичките капацитети туку и пренесување знаења и искуства.

Османи наведе дека тоа што сега со новиот Закон за употреба на јазиците се овозможува е во централните институции од хоризонтално да има во вертикално проширување на службената употреба на албанскиот јазик.

– Има институции каде што едно решение има сто страници, и се додека Агенцијата не не снабди со можност за превод на тие сто страни, институциите сепак, се уште одат еднојазично бидејќи секој збор во документите што го издаваат институциите имаат легални последици, и тука не смее да има грешка во преводот, посочи тој и додаде дека Законот има преоден период од шест месеци за да се градат капацитетите.

Генералниот секретар на Владата Драги Рашковски рече дека имплементацијата на правата на заедниците коишто не се мнозинство во земјава е доста позитивно прифатена од сите во државата, и како што рече, институциите речиси и да немаат, не прават никакви опструкции при имплементирање на овие законски одредби.

– Владата ги потпомага институциите како со препораки, така и технички. Најголемата помош секако треба да уследи кон Агенцијата за имплементација на јазиците заради тоа што е нова институција која што сега се формира. Првите кадровски решенија што ќе се припојат кон Агенцијата ќе бидат од Генералниот секретаријат, тоа се лица коишто веќе имаат и некакво искуство во работењето во државната администрација и сметаме дека нивните капацитети ќе придонесат за оваа Агенција со полна пареа да почнат сами од почеток, рече Рашковски.

Според него, битно е на почетокот да се покаже дека нема ништо страшно во имплементирање на Законот за употреба на јазиците.

– Законот апсолутно не води кон никаква промена на какво било државно уредување, туку тоа се права на граѓаните кои по природа треба да им следуваат, а секое право треба да им служи на луѓето, а да не биде едноставно средство од кое што луѓето ќе сметаат или сметаат дека треба да се плашат дека ќе изгубат некое свое право, истакна Рашковски.

Директорот на агенцијата за спроведување на Законот за употреба на јазиците, Илбер Села, изрази задоволство што на средбата го презентирал досегашното функционирање на Агенцијата и истакна дека има подготвеност за истата да почне со работа со полн капацитет.