Десеттина часа пред истекот на рокот, до ДИК попладнево беа доставени кандидатурите за претседател на државата на Стево Пендаровски од СДСМ и коалицијата и на Гордана Силјановска-Давкова од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
Мирна, достоинствена и демократска кампања, најави Александар Кирацовски, шеф на Изборниот штаб на кандидатот на СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски откако до ДИК и официјално ја достави кандидатурата за претстојните претседателски избори, со 32.000 потписи од граѓани.
– Стево Пендаровски и сите ние несомнено влегуваме како фаворити за претседател на нашата држава. Ве уверувам како шеф на Иборниот штаб дека ќе имаме мирна, достоинствена кампања која ќе го отсликува нашето демократско општество, рече Кирацовски и ги повика сите политички партии заедно да водат соодветна европска кампања која на површина ќе го извади најдоброто од сите.
Кандидатурата на Пендаровски, како што појасни генералниот секретар на СДСМ, е поднесена само со потписи од граѓани со оглед на тоа дека ДИК дава можност тоа да се стори на таков начин или со потписи од пратеници.
-Се определивме за онаа форма која според нас има поголема тежина, а тоа е поднесокот на 32.000 потписи за поддршка на Стево Пендаровски, појасни Кирацовски.
Освен класичните средби со граѓани, митинзи, дебати, Кирацовски најави и активирање на социјалните медиуми и сите форми на претставување кои се користат во новото време за најдобра презентација на нивниот кандидат.
-Горди сме што за само еден ден со свој личен потпис огромен бгрој граѓани застанаа зад оваа кандидатура. Несомено кажано оваа кандидатура на Стево Пендаровски е избор на сите граѓани на Република Северна Македонија. Стево е избор на претседател за сите граѓани, за сигурна, стабилна, безбедна и напредна Република Северна Македонија. На граѓаните и на нашата држава им е потребен претседател кој пред се обединува, кој работи чесно и професионално и кој ги штити интересите на граѓаните и на државата, порача Кирацоски и додаде тоа е Пендаровски кој ќе ја води државата напрд којн ЕУ и ќе го гради концептот на едно општество за сите, рече Кирацовски.
Веднаш по поднесувањето на кандидатурата на Пендаровски, во ДИК пристигнаа и претставници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за да ја достават кандидатурата на нивниот претседателски кандидат Гордана Силјановска Давкова.
Европска кампања ќе водат ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на претстојните претседателски избори, најави денеска потпретседателот на партијата Владо Мисајловски, откако во ДИК ја поднесе кандидатурата на Силјановска Давкова со поддршка од 17.000 граѓани.
-Денеска е убав ден за сите граѓани на Република Македонија, бидејќи имаме одличен кандидат, кандидат што ќе го прифатат мнозинството граѓани и ќе се обединиме кон една голема победа за Република Македонија, рече Мисајловски и ги повика сите граѓани да им се приклучат за да ја поведат, како што посочи, оваа борба и битка за правда.
Нагласи дека Гордана Силјановска Давкова е вистинскиот избор за иден претседател на државата и додаде оти очекуваат одлична кампања зашто има основа за добар натпревар при што ќе победи најдобриот, а според нив тоа е Гордана Силјановска Давкова.
Кандидатурата на Силјановска Давкова е поднесена од подносителот ВМРО-ДПМНЕ, рече Мисајловски одговорајаќи на новинарско прашање дали е поднесена под името Република Македонија или Република Северна Македонија.
-Реалноста е дека оваа влада го смени името на Република Македонија, реалноста е дека ги изменија сите македонски термини, реалноста е дека оваа влада колку и да збореше дека го заштитува сето она што е македонско, тоа не се случува, рече Мисајловски и додаде дека неговата партија ќе проба на секој начин да го врати идентитетот.
Наскоро најави презентирање на програмата која се уште се изработува која што, како што рече, ќе допре до сите граѓани и најави европска кампања, бидејќи неговата партија себеси се гледа во Европа.
Пред два дена во ДИК беше поднесена кандидатурата и на кандидатот на албанската опозиција Блерим Река.
ДИК во рок од 48 часа од доставувањето, треба да ги потврди кандидатурите. Доколку има неправилности, тогаш кандидатурата се враќа и поднесувачот има рок од 48 часа да ги отстрани утврдените неправилности.
Кампањата за претседател на државата почнува на 1 април и ќе трае до 19 април по што следува изборниот молк. Првиот изборен круг за шестите претседателски избори е закажан за 21 април, а вториот за 5 мај.
Под кој реден број ќе бидат кандидатите на галасачкото ливче, ДИК ќе утврди на 25 март со жрепка