Во завршна фаза е чистењето на каналите за наводнување во Кочанско

Чистењето на каналите за наводнување во Кочанско е во завршна фаза, со што водостопанската подружница „Брегалница“ навреме ќе ги почне подготовките за пуштање на водата од хидросистемот.

Годишниот план за одржување на земјените канали и речните корита е реализиран скоро во целост, при што досега се исчистени околу 150 километри канали и вади во атарите на општините Кочани и Чешиново-Облешево, а останува да се доврши чистењето на дел од каналската мрежа во Виница, Зрновци и Жиганци.

– Ангажиравме четири наши машини за чистење на каналите за наводнување во целиот регион каде ќе се сее оризот, така што по подолг период може да се каже дека подготвено ќе ја дочекаме претстојната сеидбена сезона. Дополнително, како превентивна активност, за да го спречиме излевањето на реките, обновен и заштитен е брегот на Брегалница во должина од 500 метри кај селото Прибачево и на околу 200 метри од Оризарска Река кај селото Мојанци, информираа од водостопанската подружница „Брегалница“ – Кочани.

Во катастарските општини Кочани, Грдовци и Мојанци, исчистени се канали и вади со вкупна должина од 45 километри, во Подлошко околу 12, во Прибачевско 11 и во Оризарско 7,5 километри. Остатокот од каналската мрежа што беше опфатена е во Виничко, Зрновско и Чешиновско.

Со планот за наводнување пак, за околу една третина се зголемени површините што ќе се засеат со ориз, односно годинава во Кочанско оваа земјоделска култура ќе биде застапена на 4.400 хектари. Дополнително од хидросистемот „Брегалница“ ќе се обезбеди вода за наводнување на уште 1.000 хектари со други земјоделски култури.