Од Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) најавуваат дека напролет треба да стават во функција систем за мерење на параметрите на квалитетот на широкопојасен пристап на интернет во фиксни мрежи, со што крајните корисници ќе бидат информирани за квалитетот на таа услуга. Тоа, појаснуваат од АЕК, значи дека секој поединечно ќе може да побара мерење на квалитетот на услугата од своја локација.
Како што информираат од АЕК за МИА, паралелно со заокружувањето на набавката на опремата на системот треба да биде изготвен соодветен правилник за методологијата за мерењето.
Освен моментална информација за квалитетот на услугата што ја добиваат, системот ќе овозможи анонимно споделување на овие информации со останатите корисници во Македонија и ќе обезбедува јавно достапни информации за квалитетот на мрежите на операторите во Македонија.
За тековните мерења што ќе ги врши регулаторот ќе изготвува редовни извештаи што ќе ги објавува јавно.
По стартот на услугата првично се очекува зголемување на бројот на поплаки за квалитетот на услугата од корисниците, но долгорочно таа треба да придонесе до поголем квалитет и прифаќање на утврдените параметри од АЕК како репер.
Според податоците од извештаите од вториот јавен состанок на АЕК, Одделот за решавање спорови од крајни корисници на ова регулаторно тело заклучно со третиот квартал лани постапувал по 842 приговора, за 141 помалку во однос на 2016-та кога имало 983 приговори. Најголемиот дел од приговорите се по основ на услуги во говор и интернет во мобилна телефонија, а седум проценти се за говор и интернет во фиксната телефонија. Најбројни се приговорите за територијата на Скопје, 63 проценти, по што следи Битола со девет проценти, Тетово со четири, Штип, Велес, Кичево и Куманово со по два процента…
На бројот 190 во Контакт центарот на АЕК имало 4.544 повици, како и 1.218 пораки. Аналитичкиот приказ според видот на повик покажува дека 39 проценти од обраќањата до Контакт центарот се реакција за износот на сметката, 25 проценти за лоша услуга, 24 проценти консултација за жалбена постапка.