Димовски-Гајиќ: Потребно интензивирање на средбите во однос на примената на Договорот за прашања на сукцесијата

 Државниот секретар во Министерството за надворешни Виктор Димовски вчера и денеска за време на работна посета на Република Србија се сретна и разговараше со Високиот претставник на Република Србија во Постојаниот заеднички комитет на високите претставници на државите наследнички на поранешна СФРЈ, Александар Гајиќ, со кого беа разменети мислења за тековните и идните активности за примената на Договорот за прашања на сукцесијата.

Како што се наведува во соопштението од МНР, заеднички беше констатирано дека подолг период не е одржана средба на Постојаниот комитет, што претставува своевиден проблем во континуитетот на решавањето на прашањата и примената на седумте анекси, што се составен дел на Договорот за прашањата на сукцесијата од 2001 година. Воедно, се додава,беше постигната согласност за потребата од интензивирање на средбите на високите претставници кои ја координираат постапката за доследна примена на претходно усвоените препораки на Постојаниот комитет.

На средбата, се посочува, беа разменети мислења и за актуелните состојби во двете земји, како и можностите за натамошно интензивирање и продлабочување на билатералните односи.

Државниот секретар Димовски за време на посетата се сретна и со претставници на македонските здруженија во Република Србија, претседателот на Националниот совет на МНМ во Република Србија, Борче Величковски, како и со претставниците на политичките партии – Демократска партија на Македонците, Македонска партија на Србија и Партија на Македонците во Србија, стои во соопштението.