Џафери-Данчила: Членството на Република Северна Македонија во НАТО и ЕУ од големо значење за Западен Балкан

Членството на Република Северна Македонија во НАТО и Европската Унија е од големо значење не само за безбедноста и економскиот развој на нашата земја, туку и за целиот регион на Западен Балкан и пошироко, констатирале на денешната средба претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери и романската премиерка,  Василика Виорика Данчила.

Како што соопшти собраниската прес-служба, премиерката Данчила упатила честитки за усвоените реформски закони и надминувањето на отворените прашања со соседните земји. Воедно,  ја поздравила и денешната ратификација на Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО во Сенатот на Романија.

Според Данчила, проширувањето со земјите на Западен Балкан претставува приоритет за романското претседателство, при што истакнала дека отпочнувањето на пристапните преговори на Република Северна Македонија со ЕУ во јуни ќе го сметаат како врвно достигнување на романското претседавање со Советот на ЕУ.

Џафери на средбата изразил благодарност за отворената поддршка на Романија, посакувајќи успешно претседавање со Советот на Европската Унија и успешни претстојни избори за Европскиот парламент. Тој се заблагодарил за конзистентната поддршка на нашиот евроатлански пат и подвлекол дека за нас членството во НАТО претставува врвен државен и стратешки приоритет за кој има поддршка од граѓаните и широк политички консензус.

Претседателот на Собранието Џафери изразил верба дека за време на романското претседавање со Советот на ЕУ, Република Северна Македонија ќе ги започне пристапните преговори за членство во ЕУ во јуни 2019 година.

На средбата, меѓу другото станало збор и за унапредувањето на положбата на претставниците на малцинствата во двете држави, а посебен акцент бил ставен на интензивирањето на соработката на културен, образовен и економски план.