Коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од најголемата опозициска и најголемата политичка партија во Република Македонија ВМРО-ДПМНЕ ја дава поддршката и комплетно застанува позади претседателскиот кандидат професорката Гордана Силјановска Давкова, соопшти вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ по одржувањето на средбата со коалициските партнери.
-Ние цврсто веруваме и врз основа на целокупната онаа навигација која што ја добиваме од терен, врз основа на сите оние мерливи мерења на јавното мислење дека иден претседател на Република Македонија е професорката Гордана Силјановска Давкова. Ја користам оваа прилика да ги повикам граѓаните на Република Македонија, Македонците, Србите, Босанците, Турците, Ромите, Власите и сите останати да ни се придружат и да застанат со нас на 21-ви април масовно да излезат на гласање, да го поддржат кандидатот на Коалицијата „За подобра Македонија“, професорката Гордана Силјановска Давкова да ја подотворат вратата за пораз на заевизмот кој што како ментална матрица во последно време во Република Македонија зафаќа размери, рече Мицковски.
Тој додаде дека на таков начин ќе се подотвори вратата и за организирање на предвремени парламентарни избори во кои, како што рече, е цврсто убеден и тој и Коалицијата дека ќе го поразат и трајно ќе го испратат на темната страна на историјата заевизмот во Република Македонија.
-Ќе ја формираме новата влада и ќе отпочне нова ера за достоинствена, економски преродена, технолошки тигар на Балканот, достоинствена и горда Република Македонија, истакна Мицкоски по средбата.