Политичка магла за опасноста од наплив на мигранти

Темата за евентуален наплив на мигранти во Македонија и можноста поголем број од нив да бидат сместени во земјава за подолг период, која обележа поголем дел од минатата година, се отвори откако Министерството за труд и социјална политика во јули објави десетгодишни предлог нацрти на Стратегија за интеграција на бегалци и странци и Национален акциски план за интеграција на бегалци.

Опозициските партии го искористија објавувањето на овие документи да ја обвинат Владата дека сака да прими и прифати голем број мигранти во земјава.

Од ВМРО-ДПМНЕ истакнаа дека со нив Македонија од транзитна станува земја на траен престој за овие лица и се маргинализираат македонските граѓани. Посочија дека документите овозможуваат олеснување на доделувањето на државјанството на овие лица, нивно сместување и изградба на цели станови, населби, згради, понатаму нивен олеснет пристап до градинки, училишта за сметка на граѓаните на Република Македонија.

Од Министерството за труд и социјална политика ваквите обвинувања ги оквалификуваа како тенденциозното ширење страв во јавноста од бегалците, посочувајќи дека тоа е само патоказ без никакви обврзувачки акти кон кое било министерство или институција. Вакви документи, посочија оттаму, имало и претходно,  и оти со сегашните се прават само одредени измени.

Опозицијата и советниците од опозициските редови во општините во Македонија иницираа и одржување референдуми за спречување на евентуална реализација на предвиденото во двата документи.

Голем дел од општините изгласаа потреба да одржување на референдуми по ова прашање и бараа тие да се одржат заедно со одржувањето на локалните избори.

На крајот на септември лани ДИК одлучи дека референдумите не можат да се одржат заедно со локалните избори и побара од 12 општини да престанат со активностите за подготовка и организација на локални референдуми за мигранти се до изјаснувањето на Уставниот суд.

Ова се однесуваше на Кочани, Штип, Гевгелија, Кавадарци, Неготино, Велес, Битола, Прилеп, Радовиш, Охрид, Аеродром и Гази Баба каде советите донесоа одлуки за одржување референдуми во ист ден кога и локалните избори, чии одлуки пак, беа стопирани од Инспекторатот за локална самоуправа.