Османи: Западен Балкан партнер на ЕУ во создавањето заедничка иднина

Перспективите на процесот на проширување на Европската унија, како значен дел во создавањето на европската иднина, беше тема на Неформалниот министерски состанок на државите кандидати за членство во ЕУ во Букурешт, на кој учествуваше вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, заедно со министри и државни секретари за европски прашања од членките на ЕУ, во рамки на романското претседателство, како една од попатните станици пред големиот Самит посветен на иднината на Европа што ќе се одржи во Сибиу, Романија на 9 мај.

На состанокот, како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, се разговараше за перспективите на процесот на проширување на Унијата, како значен дел во создавањето на европската иднина, а беа разменети и искуства меѓу земјите кандидати од аспект на предизвиците со кои се соочуваат во претпристапниот процес.

– Северна Македонија е успешна приказна на Балканот – земја која нема отворени прашања со соседите, со стабилна внатрешно-политичка и етничка стабилност, која е на сигурен пат да стане 30-та членка на НАТО, а очекуваме и отпочнување на пристапните преговори со Европската Унија оваа година, истакна Османи.

Тој го посочи овој успех како дел од новиот европски моментум на Балканот, чие интегрирање во ЕУ ќе значи успешност на политика на проширување на ЕУ и ќе придонесе во создавањето на стабилна, безбедна и просперитетна Европа.

Овој состанок е втор во серијата состаноци помеѓу ЕУ и земјите кандидати за членство, по првиот кој се одржа во Виена, а кои се во насока на подготовка на земјите – членки, и земјите – кандидати за членство во Европската Унија, за претстојниот самит во Сибиу, Романија, на кој ќе се утврдуваат смерниците за идниот изглед на Унијата.