Република Северна Македонија е земја што нема билатерални спорови и е во процес на пристапување во НАТО. За нас тоа претставува голем успех и сега сме фокусирани на исползување на придобивките за граѓаните и зајакнување на економијата. Нашата соработка на тоа поле очекувам да донесе многу успеси и бенефити за граѓаните и нашата земја.
Ова попладнево го истакна премиерот Зоран Заев на средба со извршниот директор на Светска банка, Кун Дејвидсе кој ја претставува нашата земја Северна Македонија заедно со Ерменија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Кипар, Грузија, Израел, Молдавија, Црна Гора, Холандија, Романија и Украина.
На средбата со Дејвидсе присуствуваше и министерот за финансии, Драган Тевдовски кој е домаќин на неговата дводневна посета на земјава.
На состанокот се разговараше за долгогодишната плодна соработка на земјава со Светската банка, за нејзино интензивирање во иднина и за забрзување на реализацијата на проектите помогнати и финансирани од СБ, соопшти владината прес-служба.
Заев го информираше извршниот директор на Светска банка Дејвидсе за постигнатите резултати на економски план кои покажуваат раст на економијата од 3,7 отсто во четвртиот квартал на 2018, пораст на странските директни инвестиции во 2018 година од рекордно високо ниво од над 624 милиони евра и раст на индустриското производство во јануари од 12 отсто споредено со истиот месец 2017 и оцени дека преку интензивирање на заедничката соработка со СБ ќе продолжи да се засилува овој позитивен економски тренд од кој директни придобивки ќе почувствуваат граѓаните.
Извршниот директор на СБ Дејвидсе, од своја страна порача дека решавањето на крупните политички прашања, членството на нашата земја во НАТО како и најавите за отпочнување преговори со Европската унија се пример дека стабилната политичка состојба е важна во процесот на достигнување на економските предизвици и економски напредок на земјата.
Во таа смисла тој ја изрази својата цврста заложба посветено да работи во насока на реализација на овие зацртани цели, стои во соопштението на владината прес-служба.