Манчевски и Поповски се сретнаа со заменик-директорот за Отворено владино партнерство Џо Пауел

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски денеска се сретнаа со заменик-директорот за Отворено владино партнерство од канцеларијата во Вашингтон, САД, Џо Пауел.

На состанокот, како што соопштија од  Генералниот секретаријат, министерот Манчевски се осврнал на активностите преземени во рамки на отворените податоци како основен предуслов за соработка помеѓу институциите и граѓаните.

-Во моментов имаме 190 отворени податочни сетови од повеќе од 40 институции. Ова е само почеток, и бројот на податоците постојано се зголемува. Институциите стануваат свесни за важноста од отворање на податоците, а бизнисите, граѓанските организации, медиумите се повеќе ги користат овие податоци што им се на располагање, подвлекол министерот Манчевски.

Министерот Поповски го претставил сетот мерки што Владата на Република Северна Македонија ги презема за развој на концептот „Отворена Влада”.

-Најголем предизвик беше да се отворат институциите. Не само што ги направивме достапни за граѓаните  информациите за работење на Владата, туку и создаваме систем на критериуми за секоја наредна власт. Претставници на граѓанските организации во Република Северна Македонија се вклучени во креирање на стратегии, измени и дополнувања на закони и мониторирање на нивната имплементација, со цел да добиеме поуспешен и посеопфатен процес, рекол Поповски.

Пауел смета дека Владата е лидер во регионот од аспект на Отвореното владино партнерство. Според него, Акцискиот план усвоен минатата година, има конкретни мерки и поради тоа постои можност за зголемување на соработката и поддршката што ОВП ќе ја обезбеди за Северна Македонија.

-Ова е прва посета на високи претставници на ОВП тука, од формирањето на ОВП во 2011 година. Сакаме успехот што Северна Македонија го постигна да биде инспирација и вие да бидете лидер за другите земји од регионот, истакнал Пауел.

Заменик-директорот Џо Пауел и неговата делегација се во посета на земјава во рамки на Глобалната недела за отворено владино партнерство. По тој повод, МИОА организира и јавен настан „Каде сме и следни чекори во рамки на  отвореното владино партнерство” кој ќе се одржи на 12 март 2019 година во Клуб на пратеници.