Немаме намера никого од дијаспората со сила да го натераме да гласа на избори, изјави денеска министерот задолжен за дијаспора Едмонд Адеми, одговарајќи на новинарско прашање по презентацијата на Националната стратегија за соработка со дијаспората за периодот 2019-2023 година.
– Правото на глас е право на секој државјанин на Република Северна Македонија и на оние што живеат надвор од државата тоа право им следува како уставно загарантирано право. За разлика од минатото кога за уши се влечеа амбасадори од врата на врата да ги попишуваат луѓето за да гласаат, оваа Влада има поинаков пристап. Ниту јас, ниту оваа Влада има намера некого со сила да го тера да учествува на избори, рече Адеми.
Инаку, со Националната стратегија за соработка со дијаспората се очекува да се унапреди институционалната, економската и културната соработка со иселениците. Изработена е во консултација со претставници на организациите од дијаспората, НВО и експерти. Во 2021 година планирано е да се направи ревизија со цел да се увиди кои елементи од Стратегијата можат да се подобрат. Покрај Стратегијата, усвоен е и Акциски план за нејзино спроведување.
– Од независноста досега, ова се први документи усвоени од страна на една влада во насока на воспоставување на институционална соработка со дијаспората. Овие документи претставуваат основа за институционално поврзување на државата и дијаспората наспроти партизацијата во дијаспората практикувана во минатото, рече Адеми.