Законот со кој се регулира идниот статус на Специјалното јавно обвинителство помина на владина седница. Сега за него треба да одлучуваат пратениците на собраниска седница, а судбината на ова обвинителство зависи од двотретинското мнозинство во законодавниот дом.
Идниот статус на СЈО е содржан во Предлог-законот за Јавното обвинителство, кој вчера беше усвоен на седница на Владата. Со него меѓу другото се регулираат статусот, автономијата и надлежностите на СЈО.
Клучната новина во предлог-законот е што СЈО ќе добие надлежност да продолжи да ги води и предметите што ги отвори по јуни 2017 година, кои беа оспорени со начелното мислење од Врховниот суд. Во овие истраги СЈО нема да може да ги користи бомбите како докази.
-Предметите на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите за кои се поднесени обвиненија до 30 јуни 2017 година, како и предметите кои се наоѓаат во фаза на судење врз кои е воспоставена надлежност согласно член 11 од Законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, продолжува да ги застапува СЈО, се наведува во предложениот закон.
Обвиненијата покренати по 30 јуни 2017 година и истражните постапки што ги спроведува Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите до влегувањето во сила на овој закон продолжува да ги спроведува СЈО, се додава во предлогот.
Претходните постапки што ги спроведува Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите до влегувањето во сила на овој закон ќе ги продолжи јавното обвинителство во чија надлежност спаѓаат согласно членовите 32 и 34 од овој закон.
Материјалите од незаконското следење на комуникациите СЈО може да ги обработува најдоцна до 15.09.2020 година. Како доказ може да се користат само во предметите за кои се поднесени обвиненија до 30 јуни 2017 година.
Материјалите од незаконското следење на комуникациите кои не се дадени како докази во судовите ќе се чуваат во СЈО една година по правосилното завршување на сите постапки што се водат за кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, а ќе бидат уништени согласно одредбите за уништување на материјалите од посебните истражни мерки, согласно закон. Записниците за уништување задолжително се доставуваат до јавниот обвинител.
Согласно предлог законот СЈО во идина ќе биде дел од редовното обвинителство, но автономно и задолжено да гони висок профил на корупција и криминал. Ова обвинителство ќе биде надлежно за гонење на избраните или именувани функционери.
Во предлогот се утврдуваат надлежностите на СЈО, тоа ќе има широк спектар на дејствување меѓу другото за кривични дела против изборите и гласањето, за перење пари, злоупотреба на службената положба и овластување, проневера во службата, измама во службата, примање поткуп, примање награда за противзаконито влијание, противправно стекнување и прикривање имот, измама при работењето со хартии од вредност и удели, злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство…
Мандатот на сегашната јавна обвинителка Катица Јанева ќе трае уште една година, а оној што ќе ја наследи согласно законското решение ќе го бира Советот на јавни обвинители на мандат од четири години.
Покрај прашањата поврзани со статусот на СЈО, во предлог-законот со кој се регулира материјата за Јавното обвинителство, значајна новина е одредбата со која се пропишуваат условите за избор на јавните обвинители. Овие измени се насочени кон зголемување на потребниот стаж за избор на јавни обвинители во повисоките јавни обвинителства.
Со донесувањето на овој закон, се исполнуваат и препораките на ГРЕКО во делот на дисциплинската одговорност на јавните обвинители. Во тој контекст, се пропишуваат јасни, прецизни и предвидливи основи за дисциплинска одговорност кои се пропорционални со предвидените дисциплински мерки. Така, најтешките дисциплински мерки се пропишани единствено за најсериозните дисциплински повреди.
За донесувањето на законот е потребна поддршка од 80 пратеници. Премиерот Зоран Заев очекува дека законот ќе биде донесен со консензус.
Тој изјави дека законот влегува во парламентарна расправа, со тоа што прво ќе се разговара со најголемата опозициска партија, па со помалата група на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, а потоа и со помалите опозициски партии на Албанците.
– Очекувам дека за овој закон треба и мора да се постигне консензус. Секако има секаков вид на очекувања, но редот е сите заедно да му дадеме поддршка, истакна премиерот.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ засега не се изјаснила за законот. Ќе чека да ја види неговата содржина за да донесе конкретен став. Портпаролот на партијата Димче Арсовски изјави дека нивните правни експерти треба да го разгледаат законот, а потоа ќе излезат со партиски став.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, Никола Мицевски, пак смета за ова прашање се потребни меѓупартиски консултации, вклучувајќи и лидерска средба.
Предлог-законот помина на владина седница, откако земјава ден претходно ја посети Филип Рикер, иден американски помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања, а сегашен политички советник на командантот на Европската воена команда на Воените сили на САД,
Рикер за време на престојот во Скопје имаше средби со премиерот Зоран Заев вицепремиерите Кочо Анѓушев и Бујар Османи, со министерот за надворешни работи Никола Димитров, како и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и претседателотна ДУИ Али Ахмети. Тој се сретна и со претседателот на Собранието Талат Џафери, кој меѓу другото го информирал за актуелните активности во законодавниот дом со пакетот реформски закони, со кои очекуваме одредување датум за почеток на преговори од страна на Советот на ЕУ во јуни оваа година.
Рикер во однос на евроинтеграцискиот процес истакнал дека донесувањето на пакетот реформски закони не се само придонес кон ЕУ процесот, туку се од клучна важност за развојот на земјата во иднина и дека во тој процес, опозицијата мора да се вклучи соодветно и да работи за општото добро.