Во Делчево започнуваат градежните работи за доизградба на една од најголемите цркви во источна Македонија, соборниот храм „Св.Кирил и Методиј“. Како што истакна делчевскиот градоначалник Горан Трајковски, во моментот се одвиваат активности за изградба на надворешниот дел од црковниот објект.
– Започнаа активности за изградба на кровната конструкција и фасадата што ќе се градат со донаторски средства обезбедени од големиот пријател на Делчево, д-р Милен Врабевски преку неговата фондација. Изградбата на фасадата и на кровната конструкција на новата црква што две децении стои недоградена, ќе придонесе овој грандиозен верски објект да го добие својот конечен лик и да изникне во еден од најубавите верски храмови во регионот, истакна Трајковски.
Со тоа, како што додава, центарот на Делчево каде што се наоѓа црквата, ќе добие една заокружена целина и атрактивен простор за туристите и жителите на Делчево.
Во рамки на соборниот храм во Делчево досега е иградена крстилницата „Св.Наум Охридски“ што беше осветена и пуштена во употреба во 2013 година.