Актуелениот национален координатор за подготовка на земјата за членство НАТО и универзитетски професор Стево Пендаровски и официјално влегува во трката за претседател на државата на шестите избори на 21 април заедно со професорката по Уставно право Гордана Силјановска – Давкова која ја доби поддршката од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Изборот на Пендаровски за заеднички кандидат за претседател на Република Северна Македонија на Коалцијата предводена од СДСМ, на ДУИ, ДПА и на Алтернатива на Африм Гаши, вчера и официјално беше потврден на Конгресот на СДСМ во Скопје каде едногласно доби поддршка од 712 делегати, од присутните 783, без против и воздржани.
Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев во обраќањето на Конгресот на партијата рече дека на Северна Македонија и е потребен претседател кој со високо чувство на одговорност, динамично и посветено ќе нуди решенија и ќе се приклучи во поддршката на нашата брза трака која земјата ја носи напред кон сигурна иднина во НАТО и ЕУ, претседател кој е противник на поделбите и изолациите и кој ја промовира Северна Македонија како глобална и праведна земја, ќе биде конструктивен и принципиелен партнер во започнатите реформски, интеграциски и економски процеси, а Пендаровски е, рече, тој претседател, личност со интегритет и со сериозно и темелно професионално и политичко искуство.
– Стево е потврда на концептот едно општество за сите во напредна евроатлантска Република Северна Македонија. Знам дека како претседател на сите граѓани на нашата земја својата сила ќе ја влече од сите наши граѓани, а не само од оние кои ќе го дадат својот глас за неговата победа. Победата на Стево Пендаровски на претстојните избори ќе биде уште една победа на нашиот заеднички пат. Бидете уверени дека заеднички сите ние, граѓаните на нашата земја заедно со Стево Пендаровски како наш претседател ќе ги оствариме сите наши заеднички цели. Остануваме заедно на определбата да ја отфрламе политиката на песимизам која тврди дека ништо не може да се направи. Остануваме на определбата да го отфрламе јазикот на омразата, да градиме инклузивно општество и подобра иднина за сите. Тоа е нашиот политички избор и одговорност. Тоа е избор за победа, победа на претседателски избори кои мора да бидат и ќе бидат целосно демократски успешни и ефикасни, избори на кои граѓаните масовно ќе излезат и ќе изберат заедништво и иднина, рече Заев.
Пендаровски, пак, во обраќањето осебна благодарност упати до СДСМ и до лидерот и премиер Зоран Заев кои, како што рече, направиле политички потег без преседан и му дале шанса повторно да биде кандидат по пет години, да влезе во трка за претседател повторно по 2014 година кога, рече, „сите ние бевме предмет на брутален изборен инженеринг“.
-Немаме друга алтернатва освен да победиме на 5 мај. Ве уверувам дека ја имаме истата страст и истата енергија како и во 2014 година да покажеме дека во овие турбулентни времиња, на овој дел на Балканот, токму оваа политичка опција и токму овие луѓе, најдобро го разбираат историскиот контекст и сакаат, конечно, да го заокружат проектот на интегрирана, демократска и мултиетничка Република Северна Македонија. На 21 април и на 5 мај нема да се решава за нечија политичка кариера. Тоа ќе биде најмалку битно. Далеку поважно е да покажеме дека во една мултиетничка држава на Балканот е возможно луѓе од различни етникуми да се обединат за исти цели – членство во евроатлантските интеграции, закони кои ги унапредуваат правата на граѓаните и политички претставници кои ги надминуваат и поминуваат вековните етнички линии на поделба, истакна Пендаровски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, во обраќањето на 18-тата годишна Конференцијата на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ што се одржа вчера во Македонската опера и балет, се обрати до гласаќите кои се мислат дали да гласаат.
– Ќе се обратам и до оние кои се мислат дали да излезат да гласаат. Не до оние уценетите слуги на Заев кои работат на копче, тие знам дека имаат задача и таму бизнис и притисоци се во прашање, тие се заробениците на Заев и такви има се помалку, туку на оние чесни родољубиви луѓе, интелектуалци и искрени патриоти кои се разочарани од секојдневието, а на кои Македонија им е важна. Имаме ист противник, Заевизмот е наш противник исто колку што е и ваш, но, Македонија ни е заедничка, рече Мицкоски.
Кандидатот за претседател, Гордана Силјановска-Давкова рече дека Преспанскиот договор е штетен за државата, и оти македонскот идентитет не треба да се загрозува, бидејќи како што посочи, ние сме македонски народ и тоа е факт, кој не може никој да го спори.
– Јас бев во политиката едно кусо време и мислев дека тоа не е мојот свет. Меѓутоа политиката почна да го креира нашиот живот и кога зборуваме за добри политики тогаш и имаме добар живот. Но се случија нешта кои наместо уметност на можното покажаа дека политиката може да биде на некаков начин земена, украдена, окупирана од многу мал број на луѓе кои мислат дека знаат се, дека политиката е нивна. Дека политичкото е нивно обележје. А, кога нема критика, не може да има добра политика. Значи не смее политиката да биде во рацете на неколкумина, не смее политиката да биде само една страна, а да нема критичка димензија, појасни Силјановска- Давкова и порача дека е време државата да ја добие својата прва жена претседателка.
Вчера изборот на Пендаровски за заеднички претседателски кандидат беше потврден од Вентарлемиот совет на ДУИ. Одлуката помина и во Централното собрание на Демократската партија на Турците на Македонија.
Во трката за претседарел на државата ќе учествува и поранешниот дипломат и универзитетски професор Блерим Река која ја доби поддршката од опозицискаите Алијанса на Албанците и движењето БЕСА на Билал Касами.