Парламентот на Црна Гора денеска го ратификуваше Протоколот за членство на Република Северна Македонија во НАТО. На седницата присуствуваше претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери.
Претседателот на црногорското Собрание Иван Брајовиќ им честиташе на Северна Македонија и Грција за Договорот од Преспа, со кој беше ставен крај на повеќедеценискиот спор.
Тој нагласи дека двете држави со тоа му покажале на целиот регион, на Европа и на светот дека со мудро раководство е можно да се надминат повеќегодишни спорови.
-Верувам дека на Северна Македонија ќе и ја отвориме вратата на земјите, на кои Црна Гора веќе припаѓа. СД ќе гласа за овој закон, порача Брајовиќ.
Шефот на црногорската дипломатија Срѓан Дармановиќ во обраќањето пред пратениците истакна дека пред нив е историска одлука, бидејќи Црна Гора прв пат одобрува пристапување на некоја друга земја во НАТО.
Нагласи дека влезот на Северна Македонија во НАТО е добра вест за целиот регион.
-Поддршката на Македонија е високо на агендата на Црна Гора. Како членка на НАТО Црна Гора е активен промотор на натамошното ширење на НАТО, рече Дармановиќ и додаде дека тоа е и единствениот пат за напредокот на регионот на Западен Балкан.
Мисијата на Алијансата е порелевантна од кога и да е, рече Дармановиќ и изрази верување дека влезот на Северна Македонија во НАТО позитивно ќе влијае врз стабилноста и безбедноста на државата, но и на целиот регион.
Пратеникот на ДПС, Обрад Станишиќ верува дека со членството во НАТО Северна Македонија ќе даде целосен придонес за стабилноста на Западен Балкан.
-Во тоа има целосна поддршка од Црна Гора, заклучи Станишиќ и додаде дека е уверен оти Северна Македонија оваа година ќе стане полноправна членка на Алијансата.
Пратеникот од СДП, Рашко Коњевиќ порача дека неговата партија ќе го поддржи Протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО, но лидерот на Нова српска демократија, Андрија Мандиќ порача дека Демократскиот фронт нема да го поддржи Протоколот и им забележа на пратениците поради тоа што свечено го пречекале претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери,
-Тој е најпознат по носење на автомат и пукање кон македонските полицајци, рече Мандиќ и им порача на пратениците дека треба да се засрамат.
Црна Гора стана членка на НАТО на 5 јуни 2017 година и членството во Алијансата го смета за трајна гаранција на својата безбедност.
Земјите-членки на НАТО на 6 февруари го потпишаа Протоколот за пристапување на Северна Македонија во Алијансата. По ратификацијата на Протоколот во парламентите на сите 29 земји-членки на Алијансата, Северна Македонија и официјално ќе стане полноправна членка.
Протоколот денеска го ратификуваше и хрватскиот Сабор. Грција беше првата земја, која во својот Парламентот го ратификуваше овој документ. Протоколот за членство во НАТО досега е ратификуван и од Словенија, Албанија и Бугарија.