Остануваат неколку месеци до јуни кога Европскиот совет треба да донесе одлука за почеток на пристапните преговори. Овој период земјата треба да се фокусира на реформските цели и националното единство. Нема време за губење. Добра вест е што и Владата и опозицијата се согласни дека евроинтеграцијата треба да напредува.
Ова го истакна европратеникот Туне Келам кој ја предводи седумчлената делегација на Европскиот парламент во посета на земјата со цел оценка за реформите и подготвеноста за отпочнување пристапни преговори.
-Северна Македонија и вашите граѓани го заслужуваат почетокот на преговорите со ЕУ. Веќе имате постигнато многу да ги започнете преговорите. Иако во оваа фаза не е јасно дали ќе има едногласна одлука на Европскиот совет, ние работиме на тоа. Ваша задача е да го зајакнете националното единство, да ги продолжите реформите. Сега не е време да ги славите успесите кои се реално постигнати, туку да се фокусирате на активностите што се од суштинска важност за вашата земја. Нас ни е потребна Северна Македонија како членка на ЕУ, порача Келам, кој е претседател на Комитететот за надворешни работи при Европскиот парламент.
Тој нагласи дека посетата е во време кое е од критичка важност за Северна Македонија, но си заминуваат од земјава со чувство на надеж, имајќи ги предвид промените во изминатата година и пол како што се практично членството во НАТО и фактот што соседните земји беа први што го ратификуваа Протоколот за влез во Алијансата.
Како многу важни ги нагласи и претстојните претседателски избори.
-Ако изборите се одржат во клима на национално помирување, на правичен и транспарентен начин, тоа ќе биде дополнителен аргумент за да се даде поддршка на Македонија, рече европратеникот Келам со што се согласи и неговиот колега од Бугарија европратеникот Ќучук.
Според Келам добра вест е што Владата и опозицијата се подготвени да соработуваат во парламентот и во дијалогот „Жан Моне“, што, вели, за жал беше прекинат, но ќе продолжи. Запрашан за реформите Келам нагласи дека најважни се судските реформи, како и да се преземе контрола врз корупцијата. Од разговорите во владата, утврдиле дека работите со реформите се во вистинска насока и оти таа е свесна за приоритетите, кои ги нагласи и укажа ЕК.
-Мислам дека распоредот на реформите може да се реализира. Ние укажавме на приоритетите. Главната работа што преостанува на Северна Македонија е имплементацијата, нагласи Келам, кој доаѓа од Естонија.
Освранувајќи се на претстојните европски избори и дали постои опасност од пораст на популизмот, естонскиот европратеник вели дека тоа го покажуваат и проценките, но оти тоа нема да ги спречи да имаат функционално и конструктивно мнозинство во ЕП. Умерените политички групи може ќе изгубат некои места, а причината ја гледа во тоа што главните партии со години каскаат во однос на решевањето на проблемите како идентитетот на европските нации, миграцијата, континуитетот на историската култура.
-Задачата на ЕП е да ги решава проблемите. Веќе не постои алтернатива на ЕУ. Ја гледаме алтернативата во случајот на Брегзит. Најлош резултат од Брегзитот е неизвесноста. Британскиот народ страда, а тоа ќе и наштети и на Унијата во целост. Затоа сметам дека идинината на ЕУ и иднината на новите земји членки ќе има мисија да се освежи Унијата, да се тргне дел од бирократијата. ЕУ се покажа како успешна приказна и затоа сум оптимист, вели Келам.
Седумчлената Делегација на ЕП за време на дводневниот престој во земјата имаше средби во владата, собранието, со опозицијата, како и со граѓанскиот сектор. Делегацијата ја посети и пречистителната станица во Кичево изградена со пари од ЕУ-фондовите.