Раководителот на делчевскиот Центар за вработување, Билјана Прачкоска денеска презентираше дел од мерките за самовработување согласно новиот владин Оперативен план.
-Во моментот се излезени седум огласи како поддршка за вработување на невработени лица. На располагање се програмите за самовработување за невработените лица со доделување на неповратни средства од 5.000 евра за отворање на сопствен бизнис кој понатаму ќе биде поддржан од Фондот за иновации и технолошки развој доколку се работи за иновативна идеја, вели Прачкоска.
Додава дека со новиот Оперативен план на Агенцијата за вработување поддршка ќе добијат и невработени лица кои ќе се здружат за отпочнување сопствен бизнис.
-Поддршката за невработените лица кои ќе се здружат заради отпочнување сопствен бизнис годинава изнесува 10 илјади евра. Исто така, за работодавачите ќе биде интересна мерката за субвенционирано вработување каде што за вработување на едно невработено лице од евиденцијата за невработени лица, ќе можат да добијат 19 илјади денари месечно помош за бруто плата за период од 3, 6 или 12 месеци за кој период треба да го задржат невработеното лице на работа, додава Прачкоска.
Од делчевскиот центар за вработување најголем интерес очекуваат за мерката со која на младите невработени лица кои за прв пат се евидентирани во Бирото за вработување им се нуди можност за вклученост во некоја од повеќето активни мерки со краен исход тие потоа да бидат трајно вработени.
Согласно последните податоци на Агенцијата за вработување од минатата година, во Делчево се евидентирани 1.323 невработени лица. Од оваа бројка најбројни се барателите на работа без образование и со основно вкупно 621 лице, работа со завршено непотполно средно образование бараат 156 лица, 370 активни баратели на работа се со средно, а 147 со високо образование. Дваесет лица се пријавени со вишо образование, а најмал е бројот на невработени магистри чија бројка изнесува 9 лица.