Во 1962 година Македонците од Перт покренале иницијатива за формирање македонска црковна општина. Свеченото осветување на општинската црква „Свети Никола“ е извршено на 6 април 1969 година од митрополитот г. Кирил и дебарско-кичевскиот архијереј, митрополитот г. Методиј во сослужение на свештениците-мисионери: Методи Гогов (подоцна архиепископ на МПЦ-ОА), Методи Лазаревски и Ѓорги Кацарски. Во црквата „Свети Пророк Илија“ од Квинбијан, на 20 април 1969 година, за прв пат во македонската средина се најде митрополитот г. Кирил кој изврши осветување на храмот, чија зграда била подигната во 1872 година.
При подготвувањето на моногравското дело за митрополитот г. Кирил, за црковното живеење на Македонците во Австралија ги презентиравме неговите визитации, осветувањa на македонски православни цркви и други активности поврзани со неговите посети на петтиот континент, како надлежен ахиереј на Австралиската епархија.
Така, во монграфијата е забележано дека македонските православни црковни општини во Австралија се конституирани врз законска основа и се организирани како религиозни, национални, социјални, хуманитарни и културно-просветни институции. За реализирање на своите активности, црковните општини пред сѐ, имаат добиено широка поддршка од австралиската Влада и од мајката-Светиклиментовата црква.
Според искажувањето на надлежниот архиереј митрополитот Кирил, со формирањето на црковните општини во Австрлија, во голема мера се придонесе да се подигне на повисоко рамниште и во извесна смисла да се определи националниот идентитет на Македонците од сите делови на Македонија.
Инаку, главен град на Австралија е Канбера и се наоѓа на територијата на федералната влада, кој како населба е формиран во 1913 година. Најголеми планини се Австралиските Алпи и Сините Планини, а реки има малку, од кои најголема е реката Мери со десната притока Дарлинг. Денес Австралија е една од најважните индустриски и економски сили и игра значајна улога во светот.
Австралиската нација е составена од многу етнички групи и претставува пример за многу народи и земји. Етничките групи со своето заедничко живеење го градат познатиот австралиски мултинационален мозаик на културите на народите и нациите што живеат на петтиот континент.
Перт, пак, главниот град на Западна Австралија, по Сиднеј и Мелбурн, е трет по големина економски и културен центар во Австралија. Многумина го вбројуваат во најубавите градови во светот и често го нарекуваат „бисер на Австралија”. Тој е милионска метропола на утоката на реката Сван и е распослан десетици километри по должината на Индискиот Океан. Таму традиционално се одгледува цвеќе и зеленило.
Перт е градот во кој неколку десетици илјади Македонци, особено од Беломорјето засекогаш свиле свои семејни гнезда. Првите доселеници од Македонија дошле во дваесеттите години од минатиот век. Таму, во „ветената земја” го почнале својот нов живот како фармери, чистејќи ја шумата за да направат плодни површини, особено за градинарски култури.
Меѓу најстарите дојденци од Македонија биле од Нерет, од Бапчор, од Турије и други села од Костурско и Леринско, како и од селата под легендарната планина Вич, пристигнати таму уште пред 1925 година. Се смета дека Македонците први го донеле тутунот како култура во тој дел на Австралија. Тие останаа во новиот свет, но не ја заборавија родната земја. Незаборавот го изразуваат со организирано собирање, другарување, заедничко живеење, при што го зачувале националниот идентитет, традициите, верата, обичаите и културата од родниот крај во Македонија.
Меѓу другото, во монографијата „Митрополитот Кирил“ се вели дека црковно-народниот живот почнал да се интензивира во 1967 година, кога во македонската средина во Перт дошол прота ставрофорот Методи Гогов, подоцна поглавар на МПЦ-ОА кој првпат отслужил богослужба на македонски јазик. Потоа, со формирањето на првата македонска православна општина „Свети Никола“, се постигнати извонредни резултати во македонската комуна.
Инаку, како резултат на силниот патриотски дух и приврзаноста кон родната земја-Македонија, уште во 1962 година Македонците од Перт покренале иницијатива за формирање македонска црковна општина. Потоа било купено местото на аголот од улиците Алберт и Кеили, со цел во почетокот да се изгради културен центар, a потоа црковна општина. Така, била донесена одлука истата зграда да биде наменета и за дом и за црква.
Според зборовите на митрополитот г. Кирил, за успехот на овој потфат се заслужни голем број македонски доселеници, од кои посебно место им припаѓа на: Мита Мијас, Трпче Пеов, Коста Капинков, Коста Ангелковски, Сем Кристи, Томе Миовски, Ване Цигулев, Ване Боршов и многу други донатори и патриоти.
Првиот Македонскиот центаро во Перт
Свеченото осветување на општинската црква „Свети Никола“ е извршено на 6 април 1969 година од митрополитот г. Кирил и дебарско-кичевскиот архијереј, митрополитот г. Методиј во сослужение на свештениците-мисионери: Методи Гогов (подоцна архиепископ на МПЦ-ОА), Методи Лазаревски и Ѓорги Кацарски, збогатена со присуство на голем број истакнати личности од австралискиот јавен живот и неколку илјади Македонци и нивни пријатели.
Црквата го доби името „Свети Никола“ и е втора македонска црква во Австралија. Меѓутоа, за митрополитот г. Кирил тоа беше прва посета на Австралија и прв осветен објект на Македонците. Затоа, често тој живо се сеќаваше за средбите, разговорите и успехот што го постигна во таа средина.
После осветувањето на Домот и црквата „Свети Никола“ во Перт, црковната делегација заминала за Квинбијан, мало гратче во близината на главниот град на Австралија, во државата Нов Јужен Велс, кое е важен стопански и културен дел на Канбера. Во него се сместени и голем број хотелско-туристички објекти, од кои одреден број се сопственост на Македонци.
Во тоа вечно зеленило и убави климатски услови за одмор и рекреација, со успех работи МПЦ „Свети Пророк Илија“, во која доаѓаат неколку илјади Македонци кои живеат во Квинбијан и Канбера. Меѓу нив најбројни се македонските доселеници од егејскиот дел на Македонија, особено од селата Трсје и Статица, Леринско. Има и многу доселеници од Дебарца, од Охридско, од Битолско, од Костурско и од други места ширум Македонија.
Првите доселеници од Македонија пристигнале на тие простори уште во 1926 година. Меѓу нив припаѓа и доблесниот патриот и донатор Георги Нано, по потекло од селото Трсје, Леринско. Тој беше еден од основачите на оваа црковна општина, кого често го нарекуваа „душата на црквата”, и кој со својата активност во австралиското општество придонесе Македонците да бидат ценети и почитувани во Квинбијан.
„Св. Илија“ во Квинбијан“
Големиот патриот Георги Нано кој имаше две татковини – Македонија и Австралија беше голем пријател на митрополитот г.Кирил, како и на авторот на овие редови, Славе Катин. Георги Нано беше гостин во Македонија и пречекан со сите почести. Меѓутоа, не му се исполни желбата за последен пат да го посети родното Трсје, Леринско, бидејќи на груб начин беше вратен од границата на јужниот сосед.
Инаку, активностите кај македонските доселеници во Квинбијан и Канбера започнале уште во 1947 година кога е формиран разгранокот „Млад Гоче” на Македонско-австралискиот народен сојуз (МАНС), каде имало членови кои учествувале и во Илинденското востание во 1903 годиина. Меѓу другите членови на македонската заедница, Коста Панов и Васил Атанасов биле активисти во собирањето материјални средства за изградбата на Болницата во Скопје.
За историјата на МПЦ „Свети Пророк Илија“ и за македонските иселеници од Квинбијан и Канбера неодминлив е 20 април 1969 година, кога за прв пат во македонската средина се најде митрополитот г. Кирил. Тогаш е извршено осветувањето на храмот, чија зграда била подигната во 1872 година и, како споменик на културата била заштитена со автралиските закони. Тој априлски, пролетен австралиски ден беше ден што се претворил во големо славје и неизмерна радост.
Црквата беше осветена од митрополитот г. Кирил и дебарско-кичевскиот митрополит г. Методиј, во сослужение на свештениците Методи Гогов и Методи Лазаревски. На осветувањето присуствувале голем број иселеници, посетители, амбасадори, претставници на градот, на Католичката и Презвитеријанската црква, високи претставници на Министерството за емиграција на Австралија и други.
Во почетните години, придонесот за МПЦ „Свети Пророк Илија“, меѓу другите личности, бил голем и на членовите и на дел од претседателите: Симо Таневски, Крсте и Доне Пазов, Трпо Нанов, Љубе Колевски, Јордан Галев, Илија Петроски, Славе Блажевски, Јордан Постоловски и многу други истакнати иселеници на тој дел од петтиот континент.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН