Премиерот Заев побара оставка од директорот на затворот „Шутка“ (ДПЛ)

Премиерот Зоран Заев денеска побара најдоцна до понеделник оставка од директорот на КПУ затвор – Скопје Ѓоко Котевски, по вчерашните два инцидента во дворот на оваа казнена институција, во кои имало повредени притвореници.

Премиерот го осуди самиот чин, и наведе дека без разлика на тоа кој е виновен за инцидентите, тој побарал одговрност од директорот.

– Рано сабајле се слушнав со директорот, кој ми даде устен извештај за тоа што се случило. Го осудувам инцидентот без разлика кој провоцирал или кој како постапил. Деталното образложение што ми беше дадено го сфаќам и верувам дека истрагата ќе ги покаже сите детали, но во име на одговорноста не можам да прифатам дека директорот на затворот и луѓето таму определени да се грижат за безбедноста додека трае терминот за прошетка во самиот затвор, да се случи истовремено уште еден настан за после 45 минути или саат. Тоа во најмала рака покажува без разлика дали имало провокација или не, дека некој не си ја завршил својата работа, изјави премиерот Заев.

Зад ваквата одлука застана и министерката за правда Рената Дескоска, која рече дека станува збор за немил настан што се случил и заслужува и ќе помине низ истрага. Едно е извештајот од затворот Скопје за тоа дали се почитувале процедурите, каде е направен и дали воопшто е направен пропуст.

– Ако има употреба на физика сила тоа е веќе и кривично дело кое треба да биде предмет на истрага и на јавниот обвинител. Народниот правобранител, исто така, има можност да изврши увид во ситуацијата што се случила. Очекувам дека и тој механизам треба да биде искористен. без оглед дали ќе има формално прекршување или не на определени правила, ова треба да биде предмет на одговорност на директорот кој воопшто дозволил да дојде до близок контакт на овие категории без оглед дали е вообичаена пракса или не, треба во конкретна ситуација да се има проценка на одредени ризици, изјави Дескоска.

Нагласи дека државата мора да обезбеди заштита на човековите права на сите без оглед за какво кривично дело се наоѓаат во притвор.

И државниот обвинител Љубомир Јовески најави дека обвинителството ја следи ситуцијата со инцидентот во затворот Скопје.

– Во овој момент не знам какви информации има надлежниот обвинител. Познато ви е дека во делот на пречекорувањето доколку има од страна на определени служебни лица, сега во рамки на обвинителството за организиран криминал и корупција постои посебно одделение кое ќе ги истражува овие случаи. Не знам во моментот дали е тоа таков случај, обвинителството ќе ги направи сите проверки, рече Јовески.