Пратеникот Фадил Зендели, член на Делегацијата на Собранието на Северна Република Македонија во Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПС на ПСЈИЕ), денеска и утре во Подгорица, Црна Гора, ќе учествува на седницата на Комисијата за социјален развој, образование, истражување и наука на ПС на ПСЈИЕ.
Како што соопшти собраниската прес-служба, на седницата се очекува да се обратат Иван Брајовиќ, претседател на Парламентот; Дамир Шеховиќ, министер за образование и Сања Дамјановиќ, министер за наука на Црна Гора.
Членовите на Комисијата ќе дискутираат по Предлог-извештајот и Резолуцијата на тема „Науката и новите технологии во служба на модерното образование“. Во дневниот ред на седницата се вклучени прашања во врска со работната програма на Комисијата за наредниот периодот, како и подготовките за претстојната годишна сесија на Парламентарното собрание на ПСЈИЕ, што ќе се одржи во јуни 2019 година во Сараево, Босна и Херцеговина.
Парламентарното собрание на ПСЈИЕ, во кое членуваат парламентите на земјите на Југоисточна Европа: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Косово, Молдавија, Романија, Северна Македонија, Словенија, Србија, Турција, Хрватска и Црна Гора своите цели и задачи ги базира на принципите на регионална сопственост и европска интеграција. Парламентарното собрание игра значајна улога во промовирањето на парламентарното учество и олеснувањето на интерпарламентарниот дијалог и соработка во регионот, како и во поттикнувањето на процесот на интеграција во Европската Унија.