Обраќање на Џафери на Тркалезната маса: Зајакнување на проценката и мониторингот на капацитетите – Претставување на мониторинг алатката

Почитувани колеги,

Ваша екселенција, Амбасадор Пломп,

Почитуван директор Хартог,

Почитуван г. Ван Хојте,

Почитувана генерална секретарка Иванова,

Дами и господа,

Мило ми е што по потпишувањето на Меморандумот за соработка со Центарот за европски безбедносни студии, што во суштина претставува континуитет на соработката на Собранието со Центарот за европски безбедносни студии на Холандија, се одржаа серија работилници во кои беа опфатени претставници на собраниската администрација и пратеници, со една однапред утврдена цел, а тоа е развој на парламентаризмот кај нас, преку јакнењето на законодавната и надзорната функција на Собранието. Меморандумот ги дефинираше конкретните задачи и обврски на двете страни, и навистина ми причинува задоволство што овде со нас е и директорот на Центарот за европски и безбедносни студии на Холандија, господин Мерјан Хартог и господин Петар Ван Хојте, кој што е добро познат во нашата земја како професионален олеснувач и наш пријател и денес,

Конкретно на денешната работилница посветена на Зајакнувањето на проценката и претставување на новата мониторинг алатка, ќе можеме да бидеме сведоци на претставувањето на резултатот од сите досегашни работилници и сиот вложен труд на сите што беа дел од оваа соработка.

Дами и господа,

почитувани пријатели,

Во изминатиот период, работевме посветено и храбро. Да потсетам, прво беше потпишан Договорот за пријателство со соседна Бугарија. Лани го потпишавме Договорот со Република Грција, договор со кој беше воспоставена меѓународно – правна рамка за решавање на скоро три децении долгиот спор помеѓу двете соседни земји. Со овој договор, се деблокира процесот за нашето интегрирање во НАТО и ЕУ. Нема да правам ретроспектива на настаните што следеа по потпишувањето на Преспанскиот договор бидејќи сите ги знаеме, но можам гордо да кажам дека Република Северна Македонија ги поминува последните чекори од полноправното членство во НАТО. Во тек е процесот на ратификација на протоколот на НАТО во националните парламенти на дваесет и деветте членки. Како што знаете прва овој протокол го ратификува Грција, следеа Словенија, Албанија, вчера Бугарија, најавено е и во Црна Гора и јас сум убеден дека до крајот на годинава оваа формалност ќе биде завршена и Република Северна Македонија ќе стана триесетта полноправна членка на НАТО алијансата, со сите права и обврски. Секако дека зад овој голем чекор напред стојат сите храбри и прогресивни сили во државата, секако и опозицијата, но, тоа што е најважно е дека стојат граѓаните, невладиниот сектор и сите општествени субјекти кои веруваат дека постигнувањето на нашите стратешки определби ќе придонесе во градење на вистински демократско општество со европски вредности и стандарди.

Дами и господа

Како што реков, ова е само еден голем чекор кој не обврзува многу посериозно да се посветиме на нашите стратешки определби и цели односно членство во ЕУ а паралелно со ова, потребните внатрешни реформи кои ќе водат во трансформирање во современа демократска држава со независни и максимално функционални институции. Држава во која максимално ќе се почитуваат индивидуалните и колективните човекови права, ќе имаме вистинско владеење на правото и во која во целост ќе се почитува поделбата на власта на извршна, судска и законодавна и нема да име преземање или мешање на надлежностите на една врз друга. Во овие процеси кои не можат да се случат преку ноќ, улогата на парламентот е клучна.

Верувам дека сите се согласуваме дека денес, состојбите кај нас не се исти како што беа во првата половина од 2017 година. Тоа е така затоа што уште на почетокот на мандатот, наша цврста определба и примарна задача беше да ги вратиме демократските процеси во општеството и враќањето на државата на европскиот колосек. Собранието, како највисок претставнички дом на граѓаните, и храм на демократијата, мора да биде пример за вистински функционална институција во служба на граѓаните и за доброто на граѓаните. Место каде што се носат закони, меѓутоа и место каде што се врши надзор над спроведувањето и придонесот на тие законски решенија во подобрувањето на секојдневниот живот на граѓаните. За да се зајакне оваа компонента на законодавниот дом, потребна е високо подготвена администрација, и секако, пратеници кои ќе ги поседуваат сите информации, анализи и теренски информации како предуслови за со право да го заслужат доверувањето на легитимитетот од страна на граѓаните.

И токму денешнава работилница е во тој правец. Затоа, на крајот сакам уште еднаш да изразам благодарност до Центарот за Европски и безбедносни студии на Кралството на Холандија, како и до холандската Амбасада кај нас и на сите вас да ви посакам успешна работа.

Собрание, Одделение за јавно информирање и односи со јавноста