Партијата на Македонците во Србија бара извинување од министерот Вулин

Партијата на Македонците во Србија бара од српскиот министер за одбрана Александар Вулин да се извини за изјавата дека Скопје станува шпионски центар, затоа што е неаргументирана и им штети на добрите односи на народите од двете земји. Претседателот на партијата Горан Илиевски за МИА изјави дека се зачудени од, како што рече, оваа тешка изјава која македонскиот народ со ништо не ја испровоцирал.

– Една целосно конфузна изјава. Без какви било докази Македонија се наведува како центар за уривање на Вучиќ и на активности против Србија. Никакви активности Македонија немала, ниту ќе има против Србија. Овие изјави имаат огромна тежина. Македонија е неправедно нападната без факти и аргументи и тоа не е првпат од страна на официјални функционери на Србија. Вулин не настапува во свое лично име, туку од позиција на член на влада на Република Србија. Овие дезинформации во изминатите две-три години, откога настанаа промените, му штетат и на реномето на околу 200 000 Македонци во Србија зашто Македонија нема никакви намери да ги влоши односите со Србија, изјави Илиевски.

Бара и од претседателот на Србија Александар Вучиќ да се огради од изјавата. – Тој почна да се оградува од изјавата во меѓувреме, ја прокоментира во контекст дека ништо не е спорно со посетата на водачот на српската опозиција Драган  Ѓилас и средбата со премиерот Заев. Но министерот Вулин таа изјава мора да ја повлече зашто таа ги нарушува односите, додаде Илиевски.

Изјавата на Вулин за „Вечерње новости“ беше реакција на средбата на Драган Ѓилас, лидер и еден од основачите на опозицискиот блок „Сојуз за Србија“ (СзС), со премиерот Зоран Заев во Скопје. Вулин изјави дека „Скопје стана она што порано беше Будимпешта, центар на разузнавачки работи против Србија, место каде се обезбедува финансирање и поддршка за цинкароши и сечикеси од целиот регион, за политичари кои веруваат дека единствениот пат за да дојдат на власт е преку соработка со странците.“

На вчерашната изјава на Вулин реагираше и Ѓилас, според кого јазикот на омраза на Вулин е скандалозен и спротивен на пријателството на двата народа.

-Изјавите, како што е оваа на министерот Вулин, за жал, се токму спротивното од она што треба да биде политиката кон Северна Македонија и македонскиот народ. Очигледно, поединците кои пред 25 години го употребуваа јазикот на омраза кон другите народи, никогаш не го забораваат овој јазик. Верувам дека овие скандалозни зборови на еден министер се ирелевантни во однос на пријателството на двата народа кои ниту еден неодговорен поединец, без разлика на каква функција е, не може да ги наруши, изјави Ѓилас .