Собраниска делегација на зимската сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ

Делегација на Собранието на Република Северна Македонија утре и задутре во Виена ќе учествува на Зимската сесија на Парламентарното собрание на Организацијата за безбедност и соработка во Европа.

На агендата на трите генерални комитети на ПС на ОБСЕ ќе се разгледуваат актуелните настани во ОБСЕ и претстојната годишна сесија на Парламентарното собрание што ќе се одржи од 4 до 8 јули 2019 година во Луксембург.

Првата комисија на ПС на ОБСЕ ќе дебатира за „Решавање на долготрајните конфликти: алатки и механизми на ОБСЕ“, втората за „Добро владеење во областа на борбата против корупцијата, перењето пари и финансирањето на тероризмот во регионот на ОБСЕ„ и третата комисија за „Обемот на легитимните ограничувања на човековите права во време на вонредна состојба“.

Како што информираат од прес-центарот на Собранието, шеф на делегацијата е пратеникот Владимир Ѓорчев, а учество ќе земат и пратениците Јагода Шахпаска и Реџаиљ Исмаили.

Пратениците Шахпаска и Исмаили ќе учествуваат на состанокот на „Групата за поддршка на Патот на свилата“ на ПС на ОБСЕ што ќе се одржи денеска.

На учесниците на оваа сесија со поздравни говори ќе им се обрати претседател на Националниот совет на Австрија Волфганг Соботка, претседателот на ПС на ОБСЕ Георге Церетели, претседавачот на ОБСЕ и министер за надворешни работи на Словачка Мирослав Лајчак и генералниот секретар на ОБСЕ Томас Гремингер, се вели во соопштението.