Иницијатива државата да ја преземе обврската за депониите

Владата преку министерставата за животна средина и локална самоуправа заедно со ЗЕЛС иницираат промена на законите за локална самоуправа, за цврст отпад, комунални дејности и за јавни претпријатија за да може дејноста депонирање на сметот да се пренесе на централно ниво и државата да ја преземе обврската со решавање на депониите на територијата на Македонија.

– Во Македонија, за жал, нема организирана депонија според меѓународни стандарди и согласно со законите.  Сите депонии низ Македонија – во Струга, Тетово, Гостивар, Струмица, Штип, Куманово, Битола, Прилеп, Охрид, се проблематични затоа што сите се диви депонии. Никоја не ги исполнува стандардите пропишани со Законот за цврст отпад, рече премиерот Зоран Заев на собраниската седница за пратенички прашања оодговорајќи му на пратеникот Ф адил Зендели од БЕСА во однос на депонијата во Русино.

Премиерот рече дека депониите во осум региони како решенија не дале резултати зашто во самата постапка советите на секоја од општините во еден регион носат неколку пати одлука.

– Ако се случи да има 12 општини во регионот, тоа значи дека 12 совети на 12-те општини мора да донесат меѓу три и пет одлуки во процесот на пронаоѓање концесионер. Ако еден совет од која било од 12 општини не се согласи и нема мнозинство, тогаш паѓа одлуката за потенцијален концесионер кој може да изгради депонија за цврст отпад за потребите на тие потенцијални 12 општини, рече Заев.

Премиерот додаде дека со иницијативата, за која досега немало негативен коментар од ниту еден градоначалник,  државата ќе може лесно да најде партнери, концесионери, инвеститори, јавно-приватни партнерстав итн. за да ги реши сите депонии во Македонија. Притоа општините остануваат надлежни за собирање и за транспортирање на сметот.

На прашање на Неџмедин Каремани од БЕСА зошто не е изграден студентски дом за Државниот универзитет во Тетово (ДУТ), за кој МОН во 2016 отворило тендер и била избрана градежна фирма, ресорната министерка Рената Десксока одговори дека изградбата не е почната поради проблеми со документацијата за почеток на градба.

– Тендерот за изградба на студентскиот дом  е завршен уште пред моето доаѓање во Министерството. Склучен е договор којшто требало да почне да се реализира, но поради немање на сите дозволи кои треба да бидат издадени од надлежните органи, за жал, изградбата не можеше да биде почната. Министерството од моето доаѓање неколку пати аплицира за добивање на сите потребни дозволи, но се уште немаме добиено дозвила, рече Десксока.

Соопшти дека изведувачот кој е избран на тендерот и со кој е склучен договорот, се обратил до МОН со барање да му биде раскинат договорот зашто изградбата не е почната.

– Но нашиот став во МОН беше дека ние ќе правиме напори што е можно побргу да се извади целокупната потребна документација за почеток на градба и тој договор не е раскинат. Така што, штом се создадат услови, изградбата ќе биде почната, додаде Дескоска.

Во однос на сите други студентски домови чија изградба е во надлежност на МОН, со цел да се избегант вакви можни идни ситуации, определбата на оваа влада, рече министерката, е тендерирање, склучување договори и давање приоритет на оние кои имаат подготвени проектна документација и дозвола за градба.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *