Ѕиѕикостас: Сѐ додека сум префект, на таблите ќе пишува Скопје, а не Северна Македонија

Префектот на грчката област Централна Македонија, Апостолос Ѕиѕикостас, вели дека додека е тој на чело на периферијата нема да се променат таблите на кои сега пишува Скопје за нашата земја, јави дописничката на МИА од Атина.

Во интервју за грчката телевизија „Скај“, Ѕиѕикостас кој доаѓа од редовите на Нова демократија потенцира дека тој нема да го користи името Северна Македонија, бидејќи за него земјата „била е и ќе биде Скопје“.

-Нема шанси на пат што е во наша одговорност, на периферијата да се постави табла на која ќе го пишува терминот Северна Македонија. Да биде јасно, сѐ додека сум јас префект, на таблите на нашите улици ќе пишува Скопје, вели Ѕиѕикостас.

Прашан што ќе направи ако владата му изврши притисок за конкретното прашање, префектот вели дека и досега покажал дека „не подлегнува на таков вид на притисоци“.