Платформата за родова еднаквост: Претседателот на државата е без основни познавања за родовата еднаквост

Изјавата на Претседателот Ѓорге Иванов дека ратификацијата на Истанбулската конвенција со себе носи и одредени ризици, покажува основно непознавање на меѓународната и националната рамка за заштита од родово засновано насилство и дискриминација, сметаат 22 Здруженија членки на Платформата за родова еднаквост.

Тие укажуваат на фактот дека 78 проценти од жртвите на физичко насилство се жени додека 98 отсто од сторители на семејно насилство се мажи. Од 2008 до 2016 година, регистрирани се 70 фемициди од кои 15 се случиле само во периодот 2013-2016. Над три-четвртини од случаите на семејно насилство не се пријавени во ниту една јавно достапна служба. Секоја втора жена во Македонија е жртва на психичко насилство, секоја четврта жена е жртва на физичко насилство, а секоја седма жена е жртва на сексуално насилство.

Токму затоа, велат тие, реагираат на изјавата на претседателот Иванов во обраќањето пред пратениците во Собранието на Република Македонија бидејќи, посочуваат, тој покажува основно непознавање на меѓународната и националната рамка за заштита од родово засновано насилство и дискриминација.

-Дефинирањето на родот како поим кој ги означува општествено конструираните улоги, однесувања, активности и атрибути што дадено општество ги смета за соодветни за жените и за мажите претставува основен чекор во борбата за еднаквост меѓу мажите и жените. Впрочем, оваа дефиниција е и основата за донесување на меѓународните и националните документи кои го третираат прашањето за родовата еднаквост и за нејзиното надминување, истакнуваат од Платформата.

Со ваквата изјава, според нив, претседателот се залага за презервирање на родовите улоги и норми кои генерираат насилство кон жените.

-Претседателот е уплашен и од фактот што согласно одредбите на конвенцијата се нуди заштита од насилство и дискриминација на родовите и сексуалните малцинства, со што претседателот директно застанува против заштитата од дискриминација, вознемирување и насилство кон ЛГБТИ луѓето, со што го поттикнува истото и го негира нивното право на живот., посочуваат од Платформата.