Избран новиот состав на Антикорупциската комисија

Собранието на Република Македонија денеска со 65 гласа „за“, 10 воздржани и ниту еден глас „против“ ги избра новите членови на Антикорупциската комисија.

За претседател на Комисијата е избрана Билјана Ивановска која била најдобро рангирана од кандидатите кои конкурирале за тоа место, а за членови се именувани Владимир Георгиев, Софка Пејовска Дојчиновска, Катица Николовска, Нури Бајрами, Билјана Ивановска, Горан Трпеновски, Шемши Салаи.

Пратеникот Јован Митревски од СДСМ во текот на расправата рече дека изборот на новите членови на Антикорупциската комисија е направен транспарентно и оти била оневозможена каква и да било партиската поврзаност.

Владанка Авировиќ, која беше дел од Комисијата за селекција оцени дека е добар начинот на кој се избрани кандидатите и оти на најмало можно ниво бил сведен субјективизмот.

– Како пратеници во натамошниот период мораме да дадеме придонес како пратеници да ги избираме на сличен начин скоро сите регулатнри тела, агенции…,  рече Авировиќ.

Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски рече дека ќе гласаат воздржано за да покажат одредена резерва во однос на сегментите за непропорционално бодување на интервјуираните кандидати.

– Го поздравуваме заклучокот на Комисијата да бидат објавени индивиуалните бодувања за да може и јавноста да ја види дискрапанцата во одредени бодувања, рече Мицковски, додавајќи дека првите реални резултати на оваа комисија се очекуваат веќе на претстојните претседателски избори.

Предлогот за претседател и членови на Антикорупциската комисија денеска помина и на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата.

На јавниот оглас, од пријавените кандидати беа селектирани 57 кои беа интервјуирани до средата од страна на посебна Комисија за селекција. Секој кандидат можеше да добие максимум 100 поени. Искуството и достигнувањата во борбата против корупцијата носеа максимум 40 бодови, а 60 кандидатите можеа да добијат врз основа на тоа како се покажале нан интервјуата.

Согласно новите овластувања на Државната комисија за спречување на корупцијата, таа може да го следи и претстојниот изборен процес во делот на финансирање на политичките партии.