Во рамките на работната посета на Вашингтон, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски оствари билатерална средба со највисокото раководство на Националниот демократски институт (НДИ).
Николоски разговараше со Дерек Мичел, претседател на НДИ и Роберт Бенјамин – Директор на НДИ за Европа. На средбата беше потврдена одличната соработка меѓу ВМРО-ДПМНЕ и НДИ, како и големиот настан кој НДИ го организира за ВМРО-ДПМНЕ чија цел е градење на нови политики и обука на раковотството и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Истиот ќе се одржи следниот викенд и на него ќе учествуваат 80 претставници од ВМРО-ДПМНЕ.
На средбата се разговараше и за политичката ситуација во Македонија, за поразителното ниво на корупција, за лошата економска клима и сл. Стана збор и за барањето на ВМРО-ДПМНЕ за предвремени парламентарни избори, како и за престојните претседателски избори. Николоски се сретна и со конгресменот Роберт Аделхорт кој исто така беше информиран за целокупната политичка ситуација во Македонија.
Николоски побара од Аделхорт да се заложи во ОБСЕ , каде што и самиот е потпретседател, да се испрати силна мониторинг мисија за следните избори со цел да се спречат неправилности и полнење кутии. Николоски побара одржувањето кредибилни и демократски избори да биде услов за членство во НАТО и отпочнување на преговорите со ЕУ.
Николоски на средбите ги информираше соговорниците за штетниот договор за промена на името, кој остава трајни последици врз Македонија и значи целосно национално обезличување на Македонија.