Владата ќе ја одржи 118-та седница

Информацијата за Годишната програма за работа со Финансиски план за 2019 година на Фондот за иновации и технолошки развој, Предлог-законот за вршење на сметководствени работи, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за ревизија, и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за јавен долг, се на дневен ред на денешната 118-та владина седница.

Министрите ќе го разгледаат и Предлог-законот за тутун, производи од тутун и сродни производи, како и Предлог-програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2019 година.

Министерството за економија за оваа седница, меѓу другите, ги предложи на разгледување и одобрување Предлог-уредбата за мерките за поддршка на производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија и Предлог-програмата за финансиска поддршка за производство на електрична енергија од повластени производители кои користат премија за 2019 година.

На дневен ред на денешната седница се и Информацијата за предлог модел за развој на системи за дистрибуција на природен гас во Република Македонија и Информацијата за потреба од донесување на Национална програма за железничка инфраструктура за период од 2019 до 2021 година.

На предлог на Министерство за животна средина и просторно планирање за денешната седница ќе биде разгледан Предлогот за покренување на постапка за ратификација на амандманот од Доха кон Протоколот од Кјото на Рамковната конвенција на ООН за климатски промени.

Генералниот секретаријат на Владата на РМ на денешната седница ќе ја презентира Информацијата за почнување постапка за доделување на договор за јавно приватно партнерство преку формирање на современа модерна организација-платформа како ефикасен носител на хеликоптерскиот итен медицински систем на Република Македонија (HEMOS) и хеликоптерските услуги за пребарување и спасување (SAR).

Министерството за одбрана на дневен ред ја стави точката Информација за потребата од потпишување на Договор за користење на софтвер за воздушно набљудување (MASE) меѓу Република Македонија и Агенцијата на НАТО за комуникации и информации.

Министерството за труд и социјална политика, пак, ќе ја презентира Предлог-програмата за дополнување на Програмата за изградба, опремување и одржување на објекти за детска заштита за 2019 година.

На денешната седница на Владата ќе се разгледа и Предлог-одлуката за формирање на Меѓуресорска работна група за извршување на Конечната спогодба меѓу Република Македонија и Република Грција.