Законот за Оперативно-техничка агенција (ОТА) вечерва беше утврден од членовите на Владата на Република Македонија кои донесоа одлука да го достават до Собранието на Република Македонија.
Како што соопшти владината прес-служба, со Законот се уредува основањето на Оперативно-техничка агенција, надлежностите, раководењето, правата и обврските од работен однос на работниците во агенцијата, и стручниот надзор што Оперативно-техничката агенција го врши над работата на операторите и нејзиното финансирање.
Членовите на Владата го прифатија и новиот текст на Предлог-законот за следење на комуникациите. Со овој закон се уредуваат постапката за спроведување посебна истражна мерка, следење и снимање на телефонските и другите електронски комуникации, условите и постапката за спроведување на мерките за следење на комуникациите заради заштита на интересите на безбедноста и одбраната на државата, обврските за Оперативно – техничката агенција и операторите, како и надзорот и контролата над спроведувањето на мерките за следење на комуникациите.
Во рамките на седницата Владата го утврди Предлог-законот за измени и дополнувања на Законот за електронските комуникации кој се заснова врз начелото за заштита на моралниот интегритет и почитување на човековите слободи и права утврдени со устав, закон и ратификувани меѓународни договори. На владината седница министрите го прифатија и Предлог – законот за дополнување на Законот за класифицирани информации кој овозможува постапката за безбедносна проверка од трет степен за лицата назначени во надзорните тела кои вршат надзор над спроведувањето на мерките за следење на комуникациите, како и за ангажираните акредитирани национални и меѓународни технички експерти од тие тела.
Од полицискиот пакет закони владините членовите го утврдија Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за внатрешни работи, со кој се предвидува дополнување на веќе предвидените механизми за надворешна контрола врз работата на Министерството од страна на Собранието и Народниот правобранител – како досега воспоставени механизми, со дополнителен механизам во вид на посебно известување до Одделението за истражување и гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, во точно определени случаи.
Во рамките на овој пакет предлози за измени и дополнувања, Владата го разгледа и утврди Предлогот на закон за изменување на Законот за полиција со кој се предвидува ревидирање на одредбата на членот 81, со која се уредени конкретни аспекти во рамки на употребата на средствата за присилба од страна на полициските службеници.