Владата на денешната седница ја разгледа и усвои Информацијата за пристапување на Република Македонија кон глобалното партнерство „Global Deal“ и да го задолжи Министерството за труд и социјална политика во рок од пет дена од усвојувањето на оваа информација да ја спроведе постапката за пристапување во глобалното партнерство.
Целта на партнерството, информираат од владината прес-служба, е изнаоѓање на заеднички решенија и заедничко справување со предизвиците од глобалниот пазар на труд, обезбедувајќи им на сите да имаат придобивки од глобализацијата. Партнерството претставува здружување на различни засегнати страни во линија со Целта 17 („партнерство за цели“) од Агендата за одржлив развој до 2030 година на ООН, но во линија и со Целта 8 за пристојна работа и инклузивен развој, како и Целта 10 за нееднаквостите.
Владата денеска ја утврди и Предлог-одлука за усвојување на Годишната програма за работа на ЈРП Македонска радио телевизија за 2018 година и Предлог-одлука за одобрување на Финансиски план за 2018 година. Оваа одлука е придружена со мислењето во кое се истакнува дека ненавременото ставање на Годишната програма за работа на МРТ го попречило обезбедувањето на влијание на јавноста врз вкупното работење на јавниот сервис, како и дека МРТ ги прекршила сопствените професионални принципи за сеопфатно информирање на јавноста со прекинот на директниот пренос од Собранието на Република Македонија на 27 април.
Владата го разгледа и усвои Извештајот за спроведување на Законот за субвенционирање на станбен кредит, со Предлог-одлука за времетраењето на јавниот повик и бројот на јавни повици за пријавување на граѓани за добивање субвенциониран станбен кредит во 2018 година. Со донесување на оваа одлука, и во 2018 година ќе им се овозможи на граѓаните по поволни услови да дојдат до сопствен дом.
На денешната седница беше разгледана и усвоена Информацијата за потребата од основање нова Национална установа „Анасамбл за албански народни ора и песни во Република Македонија“- Скопје и го задолжи Министерството за култура во рок од 30 дена да подготви и до Владата да достави одлука за основање националнат установа.