Димитров: Успехот на Македонија ќе биде успех и на романското претседателство

Приоритетите на романското претседателство со ЕУ се целосно компатибилни со нашите амбиции и стратешки цели, не само затоа што се дава повторно важност на процесот на проширување, туку Македонија е една од големите шанси, изјави денеска шефот на дипломатијата Никола Димитров.

-Нашиот успех ќе биде успех и на романското претседателство и на самиот процес на проширување од перспективата на ЕУ, туку и другите цели во однос на безбедноста на Европа. Ние видовме дека бегалската криза 2015-2016 покажа колку нашиот регион е важен, клучен интегрален дел од безбедноста на цела Европа. Кохезијата што се споменува, враќањето кон вредностите на ЕУ, се теми на кои ќе разговараме, додаде Димитров во изјавта пред денешната дебата организирана од Институтот за демократија Социетас Цивилис за европските перспективи на земјата за време на романското претседателство со ЕУ.

Романскиот амбасадор Виорел Станила истакна дека на преземањето на претседавањето со Унијата, претходеше интензивна агенда на билатерални посети во земјава.

-Очекуваме позитивни перспективи согласно пораките упатени од официјален Букурешт кои се многу охрабрувачки за земјава, рече Станила.

Инаку, министерот Димитров најави дека утре заминува за Букурешт на неформалниот состанок, тн., ГИМНИХ со министрите на земјите членки на ЕУ, каде што се поканети и држави-кандидати, на кој покрај заедничка сесија се предвидени и билатерални средби со колегите.

На промоцијата на приоритетите на Романија за време на нејзиното претседателство со Советот на ЕУ, презентирани минатата недела, беше истакнато дека романското претседателство ќе се залага и за забрзување на интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ. Политиките на проширување со земјите членки на Западен Балкан, беше решено, остануваат стратешки интерес на ЕУ, поради што фокусот на европската поддршка на регионот ќе биде на зајакнување на демократските процеси и на помирувањето.